logo
logo
logo

САД ќе воведат ограничувања за летови на 40 аеродроми поради затворањето на Владата

Vecer | 06.11.2025

САД ќе воведат ограничувања за летови на 40 аеродроми поради затворањето на Владата

Намалувањата ќе се воведуваат постепено почнувајќи од утре, според извори запознаени со планот, а погодените аеродроми ќе бидат објавени денеска, изјавија претставници, објави Си-Би-Ес.

Домашните летови ќе бидат намалени за четири отсто утре, при што намалувањата ќе се зголемат на пет проценти в сабота и шест посто в недела, пред да достигнат 10 проценти следната недела, објавија четири неименувани извори откако беше објавена новата мерка.

Откажувањата би можеле да влијаат на помеѓу 3.500 и 4.000 летови дневно, според Би-Би-Си.

Администраторот на Федералната администрација за воздухопловство (ФАА), Брајан Бедфорд, изјави дека намалувањето на капацитетот од 10 проценти е неопходно за да се намали товарот врз контролорите на воздушниот сообраќај, објави Си-Би-Ес.

„Ова е невообичаено, исто како што е невообичаено и затворањето на владата, како и фактот дека нашите контролори не се платени еден месец“, рече Брадфорд. Тој додаде дека ако затворањето на Владата продолжи и притисокот врз системот се зголеми, можеби ќе бидат потребни дополнителни рестриктивни мерки.

Министерот за транспорт на САД, Шон Дафи, и Бедфорд, нагласија дека мерките се воведени за да се зачува безбедноста на воздушниот сообраќај. Бедфорд објави дека 40-те пазари што ќе бидат погодени ќе бидат објавени денеска, а ограничувањата ќе го опфатат комерцијалниот воздушен простор и други активности, вклучително и лансирањата во вселената.

Според информациите добиени од Си-Би-Ес, предложените пазари вклучуваат големи центри како што се Бостон Логан, Њујорк Ла Гвардија, Лос Анџелес и Далас/Форт Ворт, но списокот сè уште не е конечен.

За време на затворањето на владата, најдолгото во историјата на САД, контролорите беа принудени да работат без плата, што ги натера некои да земат боледување или да прифатат други работни места.

Авиокомпаниите, синдикатите и туристичката индустрија го повикаа Конгресот да го прекине затворањето. Според „FlightAware“, повеќе од 10.000 летови во, до или од САД беа одложени минатиот викенд, додека околу 11.000 летови беа откажани оваа недела. Дафи рече дека на земјата ѝ недостасуваат околу 2.000 контролори на летање.

Американ ерлајнс соопшти дека ќе работи според распоредот денеска, но чека дополнителни информации од ФАА за летовите што ќе бидат засегнати почнувајќи од утре.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk