logo
logo
logo

САД извршија напади врз Иран, Техеран се заканува со одмазда

Vecer | 26.05.2026

САД извршија напади врз Иран, Техеран се заканува со одмазда

 Официјален Вашингтон тврди дека станува збор за самоодбрана, а во нападите биле погодени ракетни позиции како и бродови кои наводно биле наменети за поставување на мини во Ормускиот теснец. Нападите доаѓаат во екот на мировните преговори во Катар, сепак и покрај тоа американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека договор се уште е можен, но додаде клучно за тоа е  теснецот да биде отворен за сите.

-Теснецот мора да биде отворен, тој ќе биде отворен на еден или на друг начин. Треба да биде отворен и тоа што се случува таму е незаконско, не е одржливо за светот. Не е прифатливо. Не знам за било која земја во светот која го прави ова. Русите не поддржуваат систем на патарини, кинезите не се за систем на патарини и нема земја во светот која поддржува систем на патарини, освен режимот во Иран-- Марко Рубио – Државен секретар на САД.

Иранските власти пак, тврдат дека нападите резултирале со голем број на цивилни жртви, а Ајатолхаот Моџтаба Хамнеи преку пишано соопштение порача дека регионот нема да се врати на стариот начин на живот. Официјален Техеран предупреди и дека секоја нова агресија врз нив, ќе биде дочекана со одговор кој би можел да се прошири и надвор од регионот.

-Дозволете ми да ви кажам дека може да се повелечеме од договорот за непроширување на нуклеарно оружје. Дали знаете што значи тоа? Дали знаете што ќе се случи ако се повлечеме од договорот? Затоа одвратете се од овој пат. Не само Ормускиот теснец, туку и Персискиот залив, но и во Црвеното море, Баб Ел-Мандеб, и во Индискиот океан, ќе се прошири војната од која што вие самите први ќе побегнете,- - Мохсен Разеи – Генерал во републиканската гарда на Иран.

Американскиот претседател Трамп за време на викендот оцени дека страните се блиску до договор, но подоцна кажа дека им дал насоки на преговарачите во Катар да не брзаат. Меморандумот за разбирање кој се дискутира меѓу двете страни, наводно вклучува 60-дневно продолжување на прекинот на огнот, повторно отворање на теснецот и преговори за нуклеарната програма на Иран. Од воените гробишта во Арлингтон, Трамп откри и дека во досегашната операција САД загубиле 13 војници.

-Во операцијата „Епски бес“ загубивме 13 прекрасни души, прекрасни, посебни луѓе. Овие неверојатни мажи и жени ги дадоа своите животи да се осигураме дека светскиот извозник на терор поддржан од државата, никогаш нема да има нуклеарно оружје,- - Доналд Трамп – Претседател на САД.

 Последниот развој на ситуацијата повторно ја крена цената на нафтата Брент за два проценти. Според некои проценки од почетокот на војната, светските компаниите до сега имаат претрпено загуби од најмалку 25 милијарди долари.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk