На едната страна учествуваат Русија и Белорусија, а на другата САД, Германија, Словенија и Велика Британија.
Како што пренесува „USA Today“, нема официјална потврда дека размената е во тек, но не се ни очекува.
Дека нешто чудно се случува укажува и изјавата на адвокатот дека изгубиле контакт со маринецот Пол Вилан, американски државјанин, и со Владимир Кара-Мурц, британски дисидент роден во Русија. Најмалку 60 руски дисиденти биле неочекувано префрлени од нивните затвори во последните денови.
Рускиот портал „Агенство“ објави дека најмалку шест руски владини авиони летале и излегувале од регионите во кои се наоѓаат затворите во кои се држат овие затвореници. Независни извори не можеле да ги потврдат овие наводи. Во меѓувреме, адвокатот на Александар Виник, Русин во затвор во САД, одби да потврди каде точно се наоѓа неговиот клиент.
Адвокатот Аркади Бук рече дека адвокатите кои ги застапуваат руските граѓани му рекле дека „тие се на пат“. Агенцијата РИА Новости објави дека четворица руски државјани кои се во затвор во САД исчезнале од базата на затвореници што ја води Федералната агенција за затвори. Покрај Виник тука се и Максим Марченко, Вадим Коношченко и Владислав Кљушин.
Зад решетки во САД има уште најмалку двајца руски државјани - Владимир Дунаев и Роман Селезњев, кои се осудени за компјутерски криминал.
Официјален Кремљ одби да потврди дали размената на затворениците е во тек, а нема коментари ниту од западните земји. Како што пренесува Ројтерс, ваквите размени обично се држат подалеку од очите на јавноста додека не се завршат.
Меѓу неистомислениците кои „исчезнаа“ во Русија се опозиционерот Илја Јашин, активистот за човекови права Олег Орлов и Данил Кринари, кој беше осуден за тајна соработка со странски влади. „Исчезнати“ се и германскиот државјанин Кевин Лик, кој е роден во Русија, осуден за предавство, опозиционерите Љиља Чањшева и Ксенија Фадеева и антивоениот активист Саша Сколиленко.
Иван Павлов, познат руски активист за човекови права кој живее во Прага, вели дека ненадејното исчезнување на толку голем број луѓе со слични профили сугерира дека „властите ги собираат“ веројатно во Москва и најверојатно за размена.
„Пред размената, рускиот претседател Владимир Путин треба формално да ги помилува“, рече тој.
Размената на затвореници не престана по руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година. Во декември истата година, Русија и САД ја разменија кошаркарката Британи Грајнер, која беше осудена на девет години затвор за поседување масло од канабис во нејзиниот багаж, за трговецот со оружје Виктор Бут кој беше осуден на 25 години затвор во САД.
Досега најголемата размена на затвореници од крајот на Студената војна се случила во 2010 година и во неа учествувале 14 лица. На Запад, неистомислениците се сметаат за невино осудени политички затвореници. Во Русија сите се оквалификувани како опасни екстремисти.
Во тековната размена треба да учествуваат и двајца новинари. Американецот Еван Гершкович, кој на 19 јули беше осуден на 16 години затвор за шпионажа и Алсу Курмашева, Американка родена во Русија, која е осудена на шест и пол години затвор поради ширење информации за руската армија. Зад решетки во Русија е и американскиот државјанин Марк Фогел, професор, кој во 2022 година бил осуден за поседување марихуана.
Во меѓувреме, во Белорусија, претседателот Александар Лукашенко, близок соработник на Владимир Путин, во вторникот го помилува германскиот државјанин Рико Кригер, осуден на доживотен затвор за тероризам.
Пресудата и помилувањето добија неочекувано внимание од државните медиуми во Минск.
Вадим Красиков, агент на ФСБ, кој беше осуден на доживотен затвор за убиство на чеченски милитант, е меѓу оние кои официјална Москва побара да бидат ослободени.
Во средата, судот во Словенија осуди двајца руски државјани за шпионажа и употреба на лажни идентитети. Словенечката агенција СТА извести дека ќе бидат депортирани, што воедно е една од многуте нелогичности.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата