Велика Британија и Франција ќе работат на свој мировен план за Украина, соопшти британскиот премиер Кир Стармер, во интервју за „Би-би-си“ непосредно пред состанокот со дел од европските лидери во Лондон кој доаѓа по тензичниот состанок во Белата куќа пред два дена меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
Стармер рече дека тој и францускиот претседател Емануел Макрон се согласиле да започнат преговори одделно од оние меѓу САД и Русија. Кажа дека разговорите ќе вклучуваат дискусии за тоа каде ќе се повлече границата меѓу Украина и Русија, но признава дека секој план на крајот ќе се потпира на американската воена соработка, нешто што Трамп се уште не се согласил да го обезбеди но е уверен дека америкснакиот претседател сака траен мир. Стармер наведе три клучни услови кои, според него, се нужни за постигнување траен мир во Украина, вклучително и поддршката од САД.
-Сега се договоривме дека Обединетото Кралство, заедно со Франција и можеби уште една или две други (земји), ќе соработуваат со Украина на план за запирање на борбите, а потоа ќе разговараме за тој план со Соединетите држави. За мене елементите за траен мир се: силна Украина за да се бори ако е потребно, и да биде во силна позиција да преговара, Европски елемент за безбедносни гаранции и затоа јас дава до знаење за тоа што ќе направиме и поддршка од САД. И тоа е пакетот што треба да ги содржи сите три работи и на тоа напорно работам, изјави британскиот премиер за националниот сервис.
Европските сојузници на Украина, по тензичната средба во Овалната соба, изразија цврста посветеност на одбраната на Украина што се очекува да биде потврдено и на денешниот вонреден самит поради загриженоста дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да го разочара Киев во преговорите со Русија. Британскиот премиер е домаќин на повеќе од десетина европски лидери меѓу кои и Франција, Германија, Данска, Полска, Шпанија, Италија и Турција, заедно со првиот човек на НАТО и претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет.
-По мое лично мислење ако некој е во можност да постигне крај на оваа војна, тогаш тоа се САД. Тие имаат потенција да го постигна ова, никој друг. Володомир Зеленски треба да се врати на преговарачката маса со САД. Тој треба да седне смирено на масата и да преговара за решение, изјави полскиот претседател Дуда .
Пред самитот, Стармер одржа и билатерална средба со италијанската премиерка Џорџија Мелони, која според информациите може да биде важна фигура во тековните обиди на Европа да го убеди Вашингтон во потребата да ја поддржи Украина.
Во пресрет на состанокот, Стармер вчера срдечно го пречека Зеленски во неговата резиденција на Даунинг стрит, изразувајќи голема солидарност за неговата земја.
По што следуваше објава за заем од 2,84 милијарди долари за помош на Украина. Украинскиот претседател денеска во Лондон ќе се сретне со британскиот крал Чарлс Трети, а потоа ќе им се придружи на европските сојузници на самитот за безбедност.
-Благодарам на народот и на владата на Обединетото Кралство за неверојатната поддршка од првиот ден на оваа војна. Среќни сме што имаме такви стратешки партнери со кои ја споделуваме визијата за сигурна иднина за сите, рече вчера Зеленски.
Во меѓувреме, во повеќе градови во САД, по жестоката вербална пресметка во Овалната соба Трамп, и Џеј Ди Венс со Зеленски се одржаа протести против администрацијата на Трамп.
Ukrainians sing Ukraine National Anthem as they gather in emergency protest in Times Square NYC. pic.twitter.com/QmOXbVM4eu
— Shami BaAhamataza (@Handysook1) March 2, 2025
Стотици демонстранти се собраа во Вермонт, каде Џеј-Ди Венс според информациите, отишол на скијање со своето семејство, а се проширија и во други американски градови вклучително и Њујорк, Лос Анџелес и Бостон, каде стотици луѓе излегоа на улиците за да дадат поддршка за Украина и Зеленски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата