Американските сили денес ги нападнаа иранските крајбрежни радарски системи откако соборија беспилотни летала лансирани од Иран кон Ормутскиот теснец, соопшти американската војска, во најновата ескалација што дополнително ги комплицира напорите за завршување на војната меѓу двете земји.
Американската војска верува дека четирите ирански беспилотни летала биле насочени кон поморскиот сообраќај во регионот, изјави американски функционер за Ројтерс. Американската централна команда (CENTCOM) објави на социјалната мрежа X дека потоа биле извршени напади врз иранските надзорни позиции во Горук и на островот Кешм, кои се наоѓаат долж Ормутскиот теснец.
Иранската револуционерна гарда соопшти дека како одговор на американските напади, испукала ракети кон американските бази во регионот и отворила оган врз четири танкери кои се обиделе да поминат низ теснецот без нејзина дозвола.
Кувајската воздушна одбрана пресретнала ракети и беспилотни летала од непознато потекло, објавија државните медиуми, додека сирените се огласиле во Бахреин и на жителите им било наредено да побараат засолниште.
Иран тврди дека ги погодил американските бази во двете земји со балистички ракети, но американската војска вели дека шест ракети биле пресретнати, додека седмата ја промашила целта.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата