Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека Соединетите Американски Држави размислуваат за развој на нов двомоторен борбен авион наречен Ф-55, како и подобрена верзија на постоечкиот Ф-22 Раптор, наречен Ф-22 Супер.
Зборувајќи на состанок со бизнис лидери, вклучувајќи ги и извршните директори на „Боинг“ и „ЏЕ Аероспејс“ во Доха, Трамп рече дека „Ф-55“ би можел да биде нова верзија на „Ф-35“ со дополнителен мотор, додека „Ф-22 Супер“ би бил посовремена верзија на постојниот авион „Ф-22“, објави „Ројтерс“.
„Ќе работиме на Ф-55, тоа ќе биде двомоторен, супер-надградба на Ф-35. А потоа ќе работиме на Ф-22. Мислам дека Ф-22 е најубавиот борбен авион во светот, но Ф-22 Супер ќе биде многу модерен“, рече Трамп.
„Локхид Мартин“, кој го загуби тендерот за Ф-47, сега размислува за развој на таканаречен „ловец од петта генерација плус“, кој би обезбедил околу 80 проценти од можностите за половина од цената, изјави извршниот директор Џејмс Тиклет.
Тој додаде дека постоечкиот модел би можел „да се претвори во Ферари“.
Аналитичарите велат дека е нејасно како најавите на претседателот Трамп би можеле да се вклопат во постојните одбранбени програми и буџетски планови, додека некои сугерираат дека ознаката Ф-55 би можела да се однесува на програмата F/A-XX, наменета да ја замени флотата на авиони F/A-18 Super Hornet на американската морнарица.
Додавањето на втор мотор на Ф-35 практично би претставувало развој на сосема нов авион, велат воените аналитичари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата