За оваа операција е неопходно ангажирање на 400 адвокати, што речиси сигурно ќе го одложи објавувањето на списите далеку по рокот кој Конгресот го постави за 19 декември, се наведува во официјален владин документ.
Во операцијата за проверка се вклучени правни експерти од Казнениот оддел, Одделот за национална безбедност, ФБИ и Канцеларијата на американскиот обвинител во Менхетен. Оваа бројка на ангажиран кадар е значително поголема од првичните проценки. Самиот процес на преглед треба да се одвива меѓу 5 и 23 јануари, а со цел да привлече доволен број волонтери, раководството на министерството нуди стимулации како работа на далечина и дополнителни слободни денови. Од секој адвокат се очекува да посвети три до пет часа дневно за да прегледа околу 1.000 документи.
Објавувањето на сите списи поврзани со казнените истраги против Епстин го наложи администрацијата на Доналд Трамп, следејќи го законот за транспарентност што Конгресот го донесе минатиот месец со силна поддршка од двете партии.
Законот стапи во сила и покрај повеќемесечните напори на претседателот Трамп документите да останат тајни. Според законските одредби, сите материјали требаше да бидат достапни до 19 декември, со неопходни ревизии за заштита на идентитетот на жртвите. Досегашните објави, сепак, беа во голема мера цензурирани, што предизвика фрустрации кај дел од републиканците и дополнително го засили скандалот кој би можел да влијае врз претстојните избори во 2026 година.
Доналд Трамп и Џефри Епстин се познаваа во текот на 1990-тите и раните 2000-ти години. Трамп тврди дека нивниот однос бил прекинат во средината на 2000-тите и оти никогаш не знаел за злосторствата на Епстин.
Во 2008 година Епстин беше осуден на Флорида за подведување малолетнички, а во 2019 година Министерството за правда го обвини за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација. Во август истата година беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк, а неговата смрт официјално е прогласена за самоубиство.
Минатата недела Министерството за правда објави дека пронашло повеќе од милион дополнителни документи потенцијално поврзани со случајот. Преку социјалната мрежа Икс, властите појаснија дека тимовите работат деноноќно на законски обврзувачките измени за заштита на жртвите, но поради огромниот обем на материјалот, процесот може да потрае уште неколку недели.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата