logo
logo
logo

Руте: Мораме да го одбраниме секој сантиметар од територијата на НАТО

Vecer | 12.02.2026

Руте: Мораме да го одбраниме секој сантиметар од територијата на НАТО

- Мораме да се погрижиме да го браниме секој сантиметар од територијата на НАТО, рече Руте по пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана на членките на НАТО во седиштето во Брисел.

Руте истакна дека постои долгорочна закана од Русија, но дека не треба да се биде наивен ниту во врска со Кина кога станува збор за Арктикот. Тој додаде дека вчера е покрената мисијата „Арктичка стража“ со цел да се утврдат и пополнат сите празнини што постојат во безбедноста, при што ќе биде многу важно искуството на новите членки, Шведска и Финска.

- Тоа е доказ дека НАТО како целина – САД, Канада и европските сојузници – работат заедно за да осигураме одбрана на секој сантиметар од територијата на НАТО, рече Руте.

Тој нагласи дека НАТО „не е тука само за да ги штити Европа и Канада, туку и САД“, а за САД да бидат безбедни, потребен е силен и безбеден Арктик, безбедна Европа, но и безбеден Атлантик.

- Со „Арктичката стража“ и со преговорите меѓу САД, Данска и Гренланд во исто време, сето тоа е важно за да ги спречиме Русија и Кина да добијат пристап и да го одбраниме целиот регион, рече генералниот секретар на НАТО.

Одговарајќи на новинарско прашање, Руте рече дека новиот фокус на Арктикот нема да го одвлече вниманието од источното крило на НАТО, додавајќи дека НАТО е толку силен што може да го прави и едното и другото, и дека операциите „Источна стража“ и „Балтичка стража“ за одбрана на подводните кабли и инфраструктурата и понатаму се важни.

Руте повтори дека на денешниот состанок ќе се разгледа како се спроведуваат одлуките донесени на самитот на НАТО во Хаг минатата година, а кои се однесуваат на зголемување на трошоците за одбрана, зајакнување на индустриското производство во секторот на одбраната и продолжување на поддршката за Украина.

- Мораме да осигураме дека индустриската база го произведува она што ни е потребно за да можеме да се одбраниме. Канада и Европа веќе ги зголемија трошоците за одбрана за повеќе милијарди евра, рече Руте.

На денешниот состанок, наместо американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, ќе учествува неговиот заменик Елбриџ Колби, со што ова е втор министерски состанок на кој Вашингтон не испраќа министри.

Руте, одговарајќи на прашања на новинарите, рече дека САД „вршат притисок врз Русија“, исто како и Европјаните, преку пакетите санкции, дека испорачуваат клучна противвоздушна одбрана за Украина, ги предводат мировните напори и „го прават токму она што ни е потребно“ во однос на Украина.

Денеска ќе се одржи и неформален состанок на Советот НАТО-Украина, на кој ќе учествуваат украинскиот министер за одбрана Михаил Федоров и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

По завршната конференција на генералниот секретар на НАТО, ќе следи состанок на контакт-групата за одбрана на Украина.

На агендата на денешниот министерски состанок ќе биде и подготовката за следниот самит на НАТО, кој ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk