Блинкен по разговорите со Лавров рече дека Москва ќе се соочи со „брз, остар и единствен одговор“ доколку ја нападне Украина.
Тој исто така рече дека Вашингтон се согласил да даде писмена изјава до Русија откако Москва побарала безбедносни гаранции, вклучително и ветување дека Украина никогаш нема да може да се приклучи во НАТО. Лавров рече дека Москва се уште го чека тој писмен одговор. „Не можам да ви кажам дали сме на вистинскиот или погрешниот пат. Тоа ќе го разбереме кога ќе го добиеме американскиот одговор на хартија по сите точки од нашиот предлог“, рече Лавров.
Сепак, и двајцата рекоа дека се отворени за понатамошен дијалог, а Блинкен рече дека се надева оти заедничките безбедносни прашања може да се решат. Денешните разговори со Лавров чија цел беше намалување на тензиите поради руската акумулација на војници недалеку од украинската граница, ги оцени како отворени и корисни.
„Бевме јасни дека ако некои руски воени сили ја преминат украинската граница, тоа е инвазија. Тие ќе наидат на брз, остар и обединет одговор од САД и нашите партнери и сојузници“, рече Блинкен на прес-конференцијата во Женева.
Западните земји стравуваат дека Москва планира нов напад врз Украина, која ја нападна во 2014 година и го анектира Крим. Русија го негира ова, но вели дека може да преземе воена акција на неодредено време доколку не се исполнат безбедносните барања.
Блинкен рече дека Вашингтон за време на денешните разговори се обидел да утврди дали Москва е подготвена да тргне по дипломатски пат за смирување на тензиите околу Украина. „Тој може да го избере патот на дипломатијата што може да доведе до мир и безбедност, или патот што ќе доведе само до конфликт, тешки последици и меѓународна осуда“, рече Блинкен, додавајќи дека дипломатијата би била попожелна.
Двете страни се согласија за важноста од продолжување на дипломатскиот процес, рече тој.
По средбата со Блинкен, Лавров рече дека се надева оти емоциите ќе се смират околу Украина и ги повтори тврдењата на Русија дека таа не претставува закана за нејзиниот сосед.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата