Новак, кој е задолжен за енергетиката, изјави дека испораките на казахстанска нафта за Германија преку „Дружба“, која повеќепати е цел на напади за време на конфликтот во Украина, од 1 мај ќе бидат пренасочени поради „актуелните технички можности“.
Тој додаде дека за ова ја информирал казахстанската страна за време на разговорите минатата недела.
Казахстанскиот министер за енергетика Ерлан Акенженов претходно изјави дека Русија планира целосно да го прекине транзитот на нафта преку „Дружба“ до рафинеријата ПЦК во германската покраина Бранденбург.
Акенженов рече дека Москва се повикува на технички тешкотии во транспортот на казахстанската нафта и посочи дека тоа би можело да биде поврзано со неодамнешните напади врз руската инфраструктура.
Новак, исто така, нагласи дека Русија нема интерес да биде транзитна земја, додавајќи дека Германија веќе се откажала од руската нафта и дека „на нивна страна сè функционира“.
Казахстанската нафта беше клучна за Германија во намалувањето на зависноста од Русија по инвазијата врз Украина.
Казахстан не планира да го намали производството и може да ги пренасочи испораките преку други рути, изјави Акенженов на маргините на еколошки форум во главниот град Астана.
Германската филијала на Росњефт добила известување од казахстанските партнери дека од мај се очекуваат потешкотии во испораките, јавуваат извори за ДПА.
- Мораме да разгледаме како да обезбедиме алтернативни испораки доколку е потребно, за ПЦК да продолжи да работи со полн капацитет - изјави портпарол на Росњефт Германија.
Нафтоводот „Дружба“ во последните месеци е предмет на спорови во Европската Унија, при што Украина тврди дека транзитот кон Унгарија и Словачка бил прекинат поради руски напади, што ја натера Будимпешта да блокира европски фондови за Киев.
Сепак, украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера соопшти дека нафтоводот е поправен. ЕУ денеска се согласи да одобри заем од 90 милијарди евра за Украина и да воведе нови санкции кон Русија, откако Унгарија ја повлече својата повеќемесечна блокада по изборите на 12 април, на кои изгуби премиерот Виктор Орбан.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата