logo
logo
logo

Референдуми во четири украински региони за припојување кон Русија

Vecer | 23.09.2022

Референдуми во четири украински региони за припојување кон Русија

 Од денеска па до 27 септември граѓаните во Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје ќе гласаат за присоединување кон Русија. Во регионите кои претставуваат 15% од украинската територија, среде војна се гласа од врата до врата, на некои места и во автобуси, а ретко каде има и паравани за гласање.  

На некои места гласачите и јавно кажуваат како се изјасниле и кои се нивните очекувања.  

- Да браќа, силно да! Првиот влезе, ура!

Гласањето се одвива со присуство на руската војска која според официјалното објаснување е присутна за заштита на гласачите. Дел од нив пак кои застануваат пред руските камери во окупираниот Херсон велат дека сега очекуваат подобар живот, а некои дека сакаат да бидат дел од Русија бидејќи Украина не ги поддржувала.

-Се надеваме дека животот ќе биде многу подобар по референдумот. Не чека светла иднина.Ние сме Руси, ние сакаме да бидеме со Русија. Украина не не поддржува нас.

Иако започна денеска и се очекува да трае неколку дена, сепак во дел од поголемите градови кои се под контрола на руските сили како Мелитопол веќе се прославува победата на референдумот.

Иако речиси целата меѓународна заедница ги осуди референдумите организирани по примерот со Крим во 2014 година, и очекуваниот исход, лидерите на сепаратистичките региони во Донбас воопшто и не кријат дека целата борба изминатиот период била со една цел -  присоединување кон Русија.

-Најпрво ние станавме независна држава, потоа добивме признавање на Републиката, и сега еве го, третиот чекор – обединување со Русија. Ние се враќаме дома. Тоа е главниот мотив на сите наши дела и борби-- Денис Пушилин – Лидер на самопрогласената „Народна република Доњецк“.

Потегот за одржување на референдумите беше осуден и на советот за безбедност во ООН, како чекор кој води кон незаконска анексија на украинска територија. Во вжештената атмосфера на седницата, државниот секретар на САД Блинкен истакна дека Путин не смее да помине неказнето поради уривањето на меѓународниот поредок. Рускиот министер Лавров пак истакна дека референдумите се одговор на повикот на украинскиот претседател Зеленски за Русите да ја напуштат Украина.

-Самиот меѓународен поредок за кој ние се собравме тука да го почитуваме се уништува пред наши очи. Не смееме, нема да дозволиме Претседателот Путин да се извлече со тоа.-Ентони Блинкен – Државен секретар на САД.

-Интервјуто на господинот Зеленски од 5 Август минатата година, кога тој ги советуваше сите што се чувствуваат Руси поради своите деца и внуци да си заминат за Русија. „Одете во Русија“ кажа тој. И мислам дека одлуките кои сега ги носат жителите на неколку украински региони за спроведување на референдуми се одговор токму на неговите желби.-Сергеј Лавров – Министер за надворешни работи на Русија.

Во меѓувреме во Русија продолжува процесот на мобилизација, а на голем број од руските граѓани одлуката на Владимир Путин им го промени животот за секогаш.

-Тато, тато... врати се..

И денеска на граничните премини кон Грузија, Казахстан и Финска има долги колони на руски граѓани кои сакаат да побегнат од мобилизацијата која ги опфати сите региони на Руската Федерација. Гужва има и на аеродромите, а картите за излез од државата стануваат се поскапи.  До сега сите делови на Русија почнаа да ја спроведуваат одлуката за мобилизација, а кон одлуката нема да се придржува единствено Чеченија чиј лидер Рамзан Кадиров истакна дека до сега придонеле повеќе од доволно за војната во Украина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk