logo
logo
logo

Путин со предупредување за западните трупи во Украина

Vecer | 05.09.2025

Путин со предупредување за западните трупи во Украина

Евентуалното распоредување западни сили на украинска територија ќе биде легитимна воена цел на Русија, предупреди рускиот претседател Путин неполн ден откако Макрон соопшти дека 26 земји се обврзале да распоредат свои трупи за да го гарантираат мирот. Од економскиот форум во Владивосток, Путин кажа речиси се што западните сојузници не сакаат да го чујат. И наспроти тоа што неодамна беше одбиен, тој повторно го кани Зеленски на средба во Москва како идеално место,  иако не гледал смисла за разговори, зашто невозможно било да се постигне договор за клучните прашања, особено за територијалните.

-Што се однесува до можните воени контингенти во Украина. Тоа е една од главните причини за вовлекување на Украина во НАТО. Затоа, ако таму се појават некои војници, особено сега, за време на воени дејствија, тргнуваме од фактот дека тие ќе бидат легитимни цели за нивно уништување. , изјави владимир Путин, претседател на Русија

Пораката на Путин следи откако синоќа западните сојузници во Париз договорија предлог – безбедносни гаранции. 26 земји формално се согласиле да распоредат војска на копно, море или во воздух за да ја гарантираат безбедноста по евентуалното постигнување прекин на огнот. Домаќинот Макрон појасни дека нивниот ангажман нема да значи војна со Русија, туку превенирање на нов конфликт, без да открие кои се тие држави.

-Тие би биле распоредени во рамките на прекинот на огнот, не на линијата на фронтот, туку на територии кои ќе бидат дефинирани. Нивната цел ќе биде да превенираат нова голема агресија, на начин што ќе вклучи 26 земји јасно да ја гарантираат безбедноста на Украина.  , изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Вашингтон продолжува со реториката топло – ладно во однос на Москва, откако во неколку наврати најави санкции за Русија ако нема напредок. Трамп сега признава дека постигнување мир во Украина бил поголем предизвик отколку што мислел.

-Дали планирате да разговарате со рускиот претседател Путин во блиска иднина? Да, планирам. Имаме многу добар дијалог. Јас решив седум војни. Онаа за која мислев дека ќе биде полесна поради мојот однос со претседателот Путин и со Украина и сè друго... Мислев дека тоа ќе биде руско-украинската катастрофа, каде оваа недела беа убиени 7.400 војници. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Брисел денеска соопшти дека европска делегација наскоро ќе отпатува во Вашпингтон со цел да се прецизираат санкции против Русија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk