Владимир Путин нема да учествува лично на самитот на БРИКС кој ќе се одржи во Бразил, поради тоа што се соочува со меѓународна потерница издадена од Меѓународниот кривичен суд. Кремљ потврди дека на состанокот ќе присуствува рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Путин ќе има обраќање преку видео врска. Дипломатскиот советник Јуриј Ушаков соопшти дека замената на физичкото присуство е условена од, како што рече, 'одредени тешкотии во контекст на барањето на МСП'.
Како членка на Меѓународниот кривичен суд, Бразил во таков случај има обврска да преземе мерки за апсење на Путин доколку тој дојде лично во земјата.
Сепак, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва истакна дека Русија ќе биде поканета како основач на БРИКС, без оглед на потерницата која се однесува на наводна нелегална депортација на украински деца, обвинувања кои Москва упорно ги одбива.
БРИКС самитот во Рио Де Жанеиро, кој обединува земји како Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка, Египет, Етиопија, Индонезија, Иран и Обединетите Арапски Емирати, е закажан за 6 и 7 јули.
Путин често нагласува дека БРИКС претставува значаен глобален сојуз, кој се поставува како алтернатива на западното надмоќие во меѓународните односи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата