logo
logo
logo

Путин: Курск е целосно ослободен

Vecer | 26.04.2025

Путин: Курск е целосно ослободен

Началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов изјави дека поразот на украинските сили во Курската област е целосен. Според него, за време на операцијата во Курск, украинската армија изгубила околу 76.000 војници.

Герасимов го призна придонесот на севернокорејските војници.

- Тие активно учествуваа во ослободувањето на Курск и покажаа професионализам и координација, посочи Герасимов.

Украинските сили на 6 август 2024 година презедоа офанзива врз Курск, заземајќи околу 1.376 квадратни километри територија и повеќе од 80 населени места, вклучувајќи го клучниот град Сужа, а потоа и Корењево. Офанзивата имаше повеќе цели: создавање тампон-зона за заштита на Сумискиот регион од постојано руско гранатирање, одвлекување на руските сили од другите боишта и подобрување на преговарачката позиција на Киев. Украинските власти тогаш изјавија дека не планираат трајна окупација на Курск, туку да ѝ ги покажат на Москва последиците од војната и да ја принудат да направи отстапки.

По почетниот украински успех, руската армија ги консолидираше своите сили, испрати големо засилување и презеде големи контранапади. До март 2025 година, Русија врати повеќе од 100 квадратни километри, а украинските сили беа речиси отсечени од главните линии за снабдување, со тесен коридор до границата.

Северна Кореја се приклучи на битката во ноември 2024 година, испраќајќи од 10.000 до 12.000 војници како поддршка на руските сили во Курск. Севернокорејските војници беа интегрирани под руска команда и учествуваа во борбите против украинските сили./МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk