Прашањата за ограничувањето на абортусот, мигрантите и економијата доминираа во 90-те минути во кои Трамп и Харис се обидуваа да ги придобијат неодлучните граѓани на првото и веројатно последно соочување.
-Во Минесота таа излезе... Јас зборувам сега, ако не ви пречи, ве молам. Дали звучи познато? , рече Трамп, откако Харис се обиде да му „влета“ во збори.
Генералниот впечаток е дека демократската кандидатка беше поенергична и го примора Трамп да се брани. Неретко со потсмев ги следеше изјавите на републиканецот, приморувајќи го да се впушти и во бизарни тврдења, како она, за однесувањето на имигрантите од Хаити.
-Во Спрингфилд, тие ги јадат кучињата. Луѓето што доаѓаат, ги јадат мачките. Тие ги јадат милениците на луѓето што живеат таму. Ова се случува во нашата земја. Тоа е срамота. , рече Доналд Трамп, кандидат за претседател кај републиканците.
-Зборувате за екстремни работи.. Кога слушаме ваков вид реторика, кога не се решаваат прашањата што го засегаат американскиот народ, мислам дека изборот е јасен на овие избори. , рече Камала Харис, кандидатка за претседател на демократите.
Во однос на надворешната политика, Харис го бранеше правото на Израел да се брани во конфликтот во Газа, Трамп пак, потенцираше дека војната во Украина немало да се случи ако тој бил претседател. Не одговори дали сака Украина да победи во војната со Русија.
-Сакам војната да заврши. Сакам да спасам животи. Го знам Зеленски многу добро, го знам Путин многу добро. Имаме добри односи. Го почитуваат вашиот претседател, ме почитуваат мене, не гопочитуваат Бајден. Како можат да го почитуваат? Тој за две години не оствари ниту еден телефонски разговор со Путин. , рече Трамп.
-Ако Трамп беше претседател, Путин ќе седеше во Киев сега. Агендата на Путин не е само Украина. Разберете зошто европските сојузници и нашите сојузници во НАТО се толку благодарни што повеќе не сте претседател. Зошто мислите дека е пријателство со некој што е познат како диктатор, кој ќе ве изеде за ручек? , оцени Харис.
Проверката на фактите од страна на „BBC“ покажа дека и Трамп и Харис неколку пати изнеле неточни или непотврдени информации по прашањата за миграцијата, абортусот, невработеноста, инфлацијата. Од тимот на Трамп ги обвинија модараторите за пристрасност зашто за разлика од неговите, не ги оспориле ставовите презентирани од Харис, која денеска ја доби можеби најважната поддршка во пресрет на изборите за два месеца. Музичката мега ѕвезда Тејлор Свифт која има 280 милиони следбеници на Инстаграм соопшти дека ќе гласа за демократката, што според многумина, ќе значи регрутирање на милиони гласови на млади Американци на нејзино конто.
Истражувањето на „CNN“ покажа дека 63 наспрема 37 проценти од анкетираните се изјасниле дека Харис имала подобар настап од Трамп.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата