Насилство по мирниот протест во Мексико Сити
МЕКСИКО СИТИ (АП) – Протест кој започна мирно со стотици луѓе против гентрификацијата и масовниот туризам, заврши со насилство во популарните туристички населби на Мексико Сити, откако неколкумина учесници почнаа да кршат излози и да напаѓаат странци.
Маскирани демонстранти го искршија стаклото и ограбија скапи продавници во познатите зони Кондеса и Рома, викајќи на туристите. По стаклата и ѕидовите се појавија графити со пораки како: „Одимете си од Мексико“. Протестантите носеа транспаренти со пораки „Грингоси, престанете да ни го одземате домот“ и побараа закони со кои би се ограничило бројот на туристи и би се вовела построга регулација на кириите.
Подоцна демонстрантите се упатија кон амбасадата на Соединетите Држави, каде гласно извикуваа слогани и во самото метро на градот. Полицијата засили присуство околу амбасадата, додека сирените одекнуваа во центарот на градот до доцна вечерта.
Овој немирен крај следеше по дента организираните мирни протести против масовното пристигнување, најчесто на Американци, кои последниве години во голем број се доселуваат во мексиканската престолнина.
Напнатоста се засили особено по 2020 година, кога така наречените „дигитални номади“ од САД масовно дојдоа да живеат во Мексико Сити – некои за да избегнат карантини, други заради поевтина кирија во еден од најголемите градови во Латинска Америка.
Оттогаш, цените на кириите рапидно пораснаа, а локалното население беше потиснато од своите маала, особено во Кондеса и Рома – популарни, зелени населби со многу кафулиња и ресторани.
Мишел Кастро, 19-годишна студентка, истакна дека потекнува од работничкиот дел на градот и дека нејзината населба се менува – сè повеќе станови се издаваат само за туристи.
Таа додаде: „Мексико Сити се менува. Доаѓаат многу странци, особено од САД. Некои велат дека е ксенофобија, но тоа не е точно. Проблемот е што поради напливот на странци и платформите како Airbnb, кириите растат драматично и дел од луѓето веќе не можат да си дозволат да останат овде.“
Протестите во Мексико Сити следуваат по слични демонстрации во европски метрополи како Барселона, Мадрид, Париз и Рим, каде жителите исто така изразија загриженост поради растечкиот туризам.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата