logo
logo
logo

Пропадна средбата меѓу Трамп и Путин во Будимпешта?!

Vecer | 21.10.2025

Пропадна средбата меѓу Трамп и Путин во Будимпешта?!

Барем кога станува збор за блиска иднина.

Имено, висок функционер на Белата куќа изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин немаат планови за средба „во блиска иднина“, објавува Ројтерс. Изјавата доаѓа само неколку дена откако Трамп предложи нов самит со рускиот лидер.

Дописникот на Axios, Барак Равид, на X, ги објавува истите информации.

Според Равид, функционер на Белата куќа изјавил: „Во моментов нема планови претседателот Трамп да се сретне со претседателот Путин. Рубио и Лавров имаа продуктивен телефонски разговор. Затоа, не е потребна дополнителна лична средба меѓу државниот секретар на САД и рускиот министер за надворешни работи.“

Како помпезно најавениот самит меѓу Трамп и Путин не успеа

Планот на американскиот претседател Доналд Трамп да одржи нова средба со рускиот претседател Владимир Путин наиде на пречка откако беше откажан подготвителниот состанок на нивните врвни советници за надворешна политика.

Иако Трамп и Путин минатата недела се согласија дека нивните помошници наскоро ќе разговараат за деталите од евентуалниот мировен договор за Украина, состанокот меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров беше ненадејно одложен. Според извори на CNN, двајцата дипломати не успеаја да се договорат за крајните цели и евентуалниот крај на војната.

Белата куќа тврди дека Трамп сè уште „работи на мирно и дипломатско решение за ставање крај на бесмислената војна“, додека американските претставници по последните разговори оценија дека руските позиции не се промениле значително. Кремљ, од друга страна, тврди дека разговорот бил конструктивен и дека продолжува работата за спроведување на договорот од последната средба на двајцата лидери во Анкориџ. И покрај ова, извори од Вашингтон истакнуваат дека Рубио засега нема да препорача одржување нов самит бидејќи Москва не покажува подготвеност за отстапки.

Во последните недели, Трамп повтори дека Украина и Русија треба „веднаш да ја запрат војната“ и да застанат „на фронтовската линија, каде и да е“. Иако во претходните изјави нагласи дека лично би можел да посредува во постигнувањето прекин на огнот, дипломатските обиди досега не донесоа опипливи резултати.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk