Во говорот пред Врховниот суд на Венецуела, на кој присуствуваа високи владини претставници, Делси Родригез рече дека ќе предложи „општ закон за амнестија што ќе го опфати целиот период на политичко насилство од 1999 година до денес“.
„Ова ќе ги излечи раните“
Левичарскиот револуционер Уго Чавез ја презеде власта во 1999 година, а по неговата смрт во 2013 година го наследи Николас Мадуро, кој водеше сè поавторитарна влада, додека неговите два реизбора во голема мера беа отфрлени како измама.
„Овој закон ќе послужи за излечување на раните оставени од политичките конфронтации, поттикнати од насилство и екстремизам. Ќе ни овозможи да ја вратиме правдата на вистинскиот пат во нашата земја“, рече Родригез и најави „големи национални консултации за нов правосуден систем“.
Привремената претседателка, исто така, објави планови за затворање на озлогласениот затвор Ел Хеликоиде во Каракас. Групите за човекови права тврдат дека разузнавачките служби на Мадуро мачеле политички затвореници во тој затвор.
Огромниот објект, првично замислен како трговски центар, ќе биде трансформиран во „спортски, културен и комерцијален центар за полициски семејства и соседни заедници“, рече Родригез.
„Ова е голема радост“
Мајката, која даде изјава за АФП во близина на затворот Ел Хеликоиде, рече дека е пресреќна бидејќи нејзиниот син наскоро би можел да биде ослободен според новиот закон.
„Прекрасно е. Не сум слушнала од мојот син шест месеци, па ова е огромна радост. Тоа е амнестија, Боже мој, тоа е целосно ослободување“, рече 63-годишната Бетси Орелана.
Поранешната потпретседателка на Мадуро, 56-годишната Родригез, за помалку од четири недели на власт го преобликува венецуелското општество во согласност со интересите на Соединетите Американски Држави, заработувајќи пофалби од американскиот претседател Доналд Трамп.
Заедно со нејзиниот брат, претседателот на парламентот Хорхе Родригез, таа донесе нов закон со кој се отвора нафтениот сектор на Венецуела за приватни инвестиции, што беше едно од клучните барања на Вашингтон.
По тој потег во четврток речиси веднаш следеше укинувањето на американските санкции против нафтената индустрија на Венецуела.
Пет дена откако Мадуро беше уапсен во смртоносна воена операција на САД, владата се согласи да ги ослободи политичките затвореници.
Семејства кампуваат пред затворот
Семејствата на затворениците, од кои многумина почнаа да кампуваат пред затворот, како и групите за човекови права, го критикуваа бавното темпо на ослободувањето. Невладината организација „Форо Пенал“ тврди дека помалку од 300 лица се ослободени од 8 јануари.
Опозициските политички сили во Венецуела изразија претпазлив оптимизам во врска со промените што се случуваат, но и загриженост дека најблиските сојузници на Мадуро остануваат на позиции на моќ.
Американските власти објавија во петокот дека сите Американци за кои се знае дека биле притворени во Венецуела се ослободени.
Со години, Венецуела рутински апсеше странци и домашни опозициски актери по низа обвиненија, од шпионажа до заговор за напади, што критичарите ги отфрлаат како измислени.
Како дополнителен знак на задоволство од новото венецуелско раководство, администрацијата на американскиот претседател ја укина забраната за летови на САД во јужноамериканската земја.
По години затворање на амбасадата на САД, Вашингтон се подготвува и повторно да воспостави дипломатско присуство во Каракас. Искусната дипломатка Лаура Догу неодамна беше назначена за вршител на должноста амбасадор на САД за Венецуела, највисоко рангиран претставник на САД во земјата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата