logo
logo
logo

Пригожин пред 4 години бил погребан по авионска несреќа, по пет дена се дознало дека е жив

Vecer | 24.08.2023

Пригожин пред 4 години бил погребан по авионска несреќа, по пет дена се дознало дека е жив

Веста за неговата смрт ја потврди каналот Телеграм поврзан со неговата група Вагнер. Руската владина агенција за воздухопловство Росавијација соопшти дека Пригожин и неговиот истакнат командант Дмитриј Уткин биле меѓу патниците во авионот, додавајќи дека ниту еден од патниците не преживеал.

Ова не е првпат руските медиуми да го прогласат Пригожин за мртов. По падот на авионот Антонов-72 во Конго на 10 октомври 2019 година, дел од руските портали пишуваа дека Пригожин бил на списокот на патници и дека најверојатно загинал.

По несреќата, компанијата на Пригожин, Конкорд одговорила на новинарско прашање дека не знаеле дали Пригожин бил на летот. Наскоро на каналите на Телеграм се појавија објави во кои се наведува дека вработен во Конкорд рекол дека Пригожин не се појавувал на работа со денови по несреќата и дека пропуштил состанок во Конго следниот ден по несреќата.

Конгонските власти потоа започнале истрага за да утврдат дали Пригожин се качил во авионот. Руската амбасада првично соопшти дека во авионот имало и руски државјани, но подоцна соопштија дека двајца Руси кои биле членови на екипажот, загинале.

Несреќата се случила на 10 октомври, а само пет дена подоцна медиумите, повикувајќи се на неименувани извори, потврдија дека Пригожин е жив.

"Евгениј Пригожин не ја напуштил територијата на Руската Федерација во изминатите неколку дена. Цело време бил зафатен со лични работи. И многу е изненаден што го сметале за мртов", рекол тогаш споменатиот извор.

Во несреќата загинале осум лица.

Истражниот комитет на Русија, кој ја истражува вчерашната несреќа, денеска објави соопштение во кое не го споменува Пригожин, ниту некој друг патник.

Со него се потврдува дека загинале десет лица и дека за несреќата е отворена кривична постапка.

„Според прелиминарните податоци десет лица загинаа. На местото на настанот пристигна екипа, ќе се утврди целото потребно вештачење и ќе се спроведат низа истраги за да се утврдат причините за авионската несреќа“, се вели во соопштението.

Во меѓувреме руските медиуми јавија дека телата на загинатите се пренесени во мртовечница. По обдукцијата треба да пристигне и официјална потврда за нивниот идентитет, пренесе Телеграф.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk