logo
logo
logo

Претседателот на Мадагаскар нашол скапоцен камен од 300 килограми во Претседателската палата

Vecer | 20.11.2025

Претседателот на Мадагаскар нашол скапоцен камен од 300 килограми во Претседателската палата

„Смарагдот во матрица“, прошаран со блескави зелени кристали, е прикажан вчеравечер во државната палата „Амбохикорохитра“ во главниот град Антананариво. Следи стручна проценка за да се утврдат големината и квалитетот на скапоценото богатство, пренесува српска „Политика“.

- Ова е национално богатство. Можно е да биде продадено, а министерот треба да ги објасни постапките што ќе следат за да се зголемат државните приходи... За тоа ќе има целосна транспарентност, изјави Рандријанирина.

Тој не изнесе детали за тоа како, кога и каде бил пронајден каменот, освен што рече дека „по нашето пристигнување го откривме ова неверојатно национално богатство“, како и оти не знае зошто било „донесено овде“. Министерот за рударство, Карл Андријампарани, додаде дека овој драгоцен камен е „сон на секој колекционер“.

- Смарагд со своја природна матрица е ретка појава. Засега нема официјални податоци за сличен камен некогаш документиран на Мадагаскар, рече тој.

Владата соопшти дека приходите од продажбата ќе одат во Државната благајна.

Мајкл Рандријанирина е водачот на воената побуна на Мадагаскар, во којашто беше соборен претседателот Анди Раџоелина. Тој на 15 октомври обзнани дека „ја презема позицијата претседател“ на земјата, како и дека вооружените сили ќе бидат задолжени за островот во Индискиот Океан 18 месеци до две години, пред да се одржат нови избори.  

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk