Во своите први изјави откако бунтовниците поддржани од Руанда ги зазедоа големите градови во источно Конго, Чисекеди на состанокот на владејачката коалиција рече дека внатрешните поделби не треба да се игнорираат.
- Изгубив битка, а не војна. Морам да им се обратам на сите, вклучително и на опозицијата. Ќе се формира влада на национално единство, рече тој. Тој не даде повеќе детали за тоа кога ќе се случи тоа. Чисекеди вчера им оддаде почит на загинатите војници и вети дека ќе ја поддржи војската.
Бунтовниците М23, најмоќните од повеќе од 100 вооружени групи кои се борат за контрола и влијание во источно Конго, ја презедоа контролата врз источниот главен град Гома и вториот по големина град Букаву во тринеделна офанзива, во која загинаа околу 3.000 луѓе.
Според извештаите на ОН, бунтовниците се поддржани од околу 4.000 војници од соседна Руанда, со намера да го освојат главниот град на Конго, Киншаса, оддалечен повеќе од 1.600 километри.
Руанда го обвини Конго дека во борбите ангажирал и етнички Хуту борци, одговорни за геноцидот во Руанда врз малцинството Тутси во 1994 година.
М23 тврди дека го штити локалното население од дискриминација и сака да го трансформира Конго од пропадната држава во модерна. Сепак, аналитичарите веруваат дека ова се само изговори за вмешаноста на Руанда./МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата