logo
logo
logo

Преместувањето на жителите од кампот ал-Хол во Сирија се смета за чекор кон негово затворање

Vecer | 18.02.2026

Преместувањето на жителите од кампот ал-Хол во Сирија се смета за чекор кон негово затворање

Кампот претходно беше под контрола на Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите, но беше преземен од сириските владини сили минатиот месец, кога Дамаск ја прошири контролата во таа област, пренесе ДПА.

- Преместувањето почна во вторникот со околу 400 префрлени лица, а денеска се префрлаат уште речиси 300 – изјави за ДПА Мунзир Салал, раководител на независната група на граѓанското општество „Единица за поддршка на стабилизацијата“ (SSU). Неговата група ѝ помага на владата во процесот на преместување.

Салал предвиде дека преместувањето би можело да трае една недела, додавајќи дека ова е потег за конечно затворање на кампот и почеток на работата за реинтеграција на лицата кои беа притворени таму во нивните општества.

Рами Абдел Рахман, шеф на Сириската опсерваторија за човекови права, мониторинг група која го документира насилството во Сирија, изјави дека „илјадници луѓе избегале од ал-Хол. Некои успеале да побегнат сами кога се повлекоа СДФ, додека на други им помогнаа провладините милитантни групи.“ Тој, исто така, го опиша преместувањето како клучен чекор кон трајно затворање на кампот.

Џихан Ханан, поранешната раководителка на ал-Хол од редовите на СДФ, изјави за ДПА од тајна локација дека за време на повлекувањето на СДФ, некои жители ги пробиле оградите на кампот, со помош на роднини или милитанти кои упаднале во објектот.

Агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР во неделата соопшти дека „забележала значително намалување на бројот на жители во кампот ал-Хол во последните недели“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk