Пожарот, кој започнал во област во центарот на северозападната покраина во Турција, Чанаккале и се проширил во селата Гузељали, Чинарли и Еренкеи, сè уште го гаснат пожарникарите. Како мерка на претпазливост, 2.090 жители на Гузељали, Халилели и Еренкеи се евакуирани.
Според Хуриет, напорите за гаснење на пожарот, кој е регистриран вчера во 13:30 часот, продолжија од воздух утрово со првите зраци сончева светлина.
Десет авиони и девет хеликоптери се борат со пожарот од воздух, додека 75 цистерни, 35 противпожарни возила, десет булдожери, 92 други возила и 760 луѓе реагираат од земја.
77 жители кои страдале од вдишување чад биле лекувани во здравствени установи и се наведува дека се во добра здравствена состојба.
Додека напорите за ставање под контрола на шумскиот пожар во селата Бујукеврен и Гулџавуш во округот Енез во Едрене продолжуваат, напорите за ставање под контрола на шумскиот пожар во Хатај продолжија во текот на целата ноќ.
Еден од трите шумски пожари во Маниса е ставен под контрола, објави „Хуриет“.
Властите започнаа превентивни евакуации од универзитетските кампуси, воените и станбените области и ги повикаа жителите да избегнуваат непотребни патувања за да ги одржат патиштата отворени за возилата за итни случаи.
Аеродромот во градот, Дарданелскиот теснец и дел од автопатот беа затворени неколку часа, пред повторно да се отворат синоќа.
Турската метеоролошка служба соопшти дека температурите во регионот достигнале 33 степени Целзиусови синоќа, а ветровите дувале со брзина до 66 километри на час.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата