Голем пожар кој изби вчера попладне во шумски предели во близина на Јерапетра, во регионот Ласити на островот Крит, брзо се прошири поттикнат од силни ветрови. Огнот зафати куќи, туристички сместувања и елементи на важна инфраструктура.
Пожарот се прошири на три главни линии, зафаќајќи околу шест километри, што значително ги отежнува обидите на пожарникарите за да го стават под контрола.
Властите наредија евакуација на повеќе од 1.500 локални жители и туристи. Густ чад се рашири низ пошироката област, попречувајќи ја видливоста на неколку локации.
„Ветровите остануваат многу силни, а жариштата се уште се интензивни.“
Полицијата затвори дел од главниот пат во близина на населбата Агија Фотија, каде има опожарени домови и објекти за изнајмување. Четири лица се префрлени во болница поради вдишување чад, а сите болници на Крит се веќе во состојба на подготвеност.
Истовремено, пожар зафати и шумска област кај Вурвуру на Халкидики, каде што огнените јазици се движат кон населени места и опожаруваат нови територии.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата