Во регионот на Вурвуру на вториот крак на Халкидики и понатаму беснее шумски пожар. Грчките противпожарни служби информираат дека ситуацијата е сериозна, но до овој момент нема опасност за населбите.
Пламените јазици кои избувнаа околу 16 часот по локално време зафатија густа борова шума во тешко пристапна област. Веќе неколку часа пожарот не е под контрола, и покрај интензивните напори на противпожарните екипи, кои се засилени и со воздушна поддршка.
Во акцијата се вклучени 65 пожарникари, два пешадиски тима, 20 возила, волонтери, како и 14 авиони и пет хеликоптери, додека дополнителна помош доаѓа од локалните општини преку цистерни за вода.
Од безбедносни причини, веднаш беше организирана евакуација на жителите и туристите од најзагрозените области, по препораките добиени преку бројот за итни случаи 112. Сите беа упатени кон Никити, а дополнително беше евакуиран и еден камп.
Благодарение на слабите ветрови и близината на морето, гаснењето е олеснето, но противпожарните сили и натаму будно ја следат состојбата.
Поради пожарот е привремено прекинат патниот сообраќај на дел од правецот од Неа Мудања до Спарти, односно на делницата Ормос Панагиас – Вурвуру. Полицијата апелира до учесниците во сообраќајот за зголемена внимателност и почитување на упатствата од службените лица.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата