logo
logo
logo

Повеќето Јапонци очекуваат дека царините на Трамп ќе ги зголемат трошоците за живот

Vecer | 13.04.2025

Повеќето Јапонци очекуваат дека царините на Трамп ќе ги зголемат трошоците за живот

На прашањето во едно национално истражување за потенцијалното влијание на царините врз трговските партнери на САД, вклучително и Јапонија, 84,2 отсто од испитаниците рекле дека повисоките даноци ќе ги загрозат нивните трошоци за живот, пренесе Ројтерс.

Истражувањето спроведено вчера и денеска, исто така, покажа дека 55,3 отсто од Јапонците се против давање парична помош без ограничување на приходите, мерка за помош која моментално ја разгледува јапонската владејачка коалиција за да се ублажат ефектите од инфлацијата и повисоките царини од САД.

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба во петокот рече дека претстојните преговори за тарифи со Соединетите држави треба да донесат позитивен исход и придобивки за двете земји, истовремено вети сеопфатни напори на владата за решавање на националната криза предизвикана од воведувањето на американските царини.

Тој додаде дека јапонската влада треба да ги повика Соединетите држави, нивниот најблизок сојузник, да ги повлечат тарифите што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп, објави новинската агенција Кјодо.

Премиерот Ишиба рече дека напорите на министерот за економска ревитализација Риосеи Аказава за време на неговата посета на САД следната недела ќе се фокусираат на заштита на извозно ориентираната економија на Јапонија од очекуваните последици од воведувањето на американските царини.

Како што наведува агенцијата, иако американскиот министер за финансии Скот Бесант изјавил дека Јапонија ќе има приоритет во преговорите за тарифите, се очекува тешко да се дојде до отстапки од американска страна.

Трамп во четвртокот го повтори својот став дека билатералниот безбедносен договор со Јапонија е едностран, сугерирајќи дека би сакал да ги вклучи одбранбените прашања во преговорите за тарифите на двете страни, особено потребата Токио да троши повеќе за одбраната.

Врз основа на тој договор, Јапонија сноси дел од трошоците на американските сили стационирани во Јапонија, потсети Кјодо.

За време на телефонскиот разговор меѓу Ишиба и Трамп во понеделникот, двајцата официјални лица се согласија да назначат министри задолжени за унапредување на преговорите за тарифи.

Трамп ненадејно одлучи да ја одложи примената на царините за американските трговски партнери за 90 дена, а иако со тоа беше суспендирана примената на царините за Јапонија од 24 отсто, основните царини од 10 отсто остануваат на сила, потсетува јапонската агенција.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk