На свечена вечера во дворецот во Версај и на маргините на самитот на Г7, американскиот претседател Доналд Трамп и официјално го потпиша меморандумот за разбирање со Иран, кој треба да воспостави итен прекин на огнот во рок од 60 дена, до финализирање на мировен договор меѓу двете страни. Паралелно, истиот документ во Техеран го потпиша и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан. Меморандумот кој утре треба да биде потврден на свечена церемонија во Женева е долг речиси 800 збора и поделен во 14 точки. Иако повеќе клучни детали се оставени за дополнително усогласување, во документот се предвидува итен прекин на непријателствата, вклучително и во Либан, укинување на поморските блокади, пристап на Иран до светските пазари, ослободување на замрзнатите средства и 300 милијарди долари за обнова на Иран. Најважно за официјален Вашингтон сепак, е потврдата дека Иран се обврзува трајно да не развива нуклеарно оружје, во спротивно Трамп се закани со нови воени дејствија.
„Кога велам трајно (Иран нема да има нуклеарна програма) треба да биде трајно. Но, ако не биде трајно ќе бидат бомбардирани, како што ги бомбардирав во вторникот и средата вечерта и ќе ги бомбардирав во четвртокот вечерта три пати посилно. Така е со мене како претседател, ако имавте слаб претседател, можеби тоа немаше да се случ.“
Иранските власти документот веќе го оценија како победа за нивните преговарачки позиции. Иако во меморандумот се предвидува слобода на движење низ Ормускиот теснец во следните два месеци, сепак главниот ирански преговарач Мохамед Галибах посочи дека Иран нема намера да се откаже од суверенитетот на теснецот.
„Договорот е доказ за поразот на САД. Луѓето ќе го видат и самите ќе проценат. Ормускиот теснец нема да се врати на состојбата пред војната. Иран има право на суверенитет над теснецот и секако дека ќе добиваме надокнада за неговото користење.“
Потпишувањето на меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран и најавеното отворање на Ормускиот теснец експресно влијаеше и врз цените на нафтата на светските берзи кои паднаа за околу 2 проценти, а цената на Брент нафтата падна на 77 долари за барел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата