Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху смета дека политичкиот хаос и нестабилност во Иран, по смртта на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи, би можеле да бидат во корист на израелските интереси, дури и ако во Техеран не се воспостави пријателски режим, истакнуваат аналитичарите.
- Нетанјаху со години беше главниот иницијатор на воените акции и саботажи против нуклеарната програма на Иран и неговите верски власти, но, сега по смртта на Хамнеи, тој е поблиску до остварување на својата најголема политичка амбиција – неутрализирање на иранската закана, наведува бриселскиот портал Политико.
Според порталот, израелскиот план „за денот потоа“ во голема мера се потпира на среќата и храброста на милиони Иранци.
Нетанјаху во саботата вечерта ги повика Иранците да се „ослободат од тиранијата“ и да ја искористат можноста и да ја соборат диктатурата. Иста стратегија има и американскиот претседател Доналд Трамп, Иранците сами да си ја вратат земјата.
Според поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт, Нетанјаху и Трамп не претставиле план туку само оптимизам.
Биби сакаше војна, а Трамп сакаше да направи нешто исклучително. Но, не гледам никаков план освен надеж за уривање на власта, посочи Олмерт за Политико.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата