Фудбалскиот свет е во жалост по веста дека Диого Жота, напаѓачот на Ливерпул и португалската репрезентација, трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во шпанската провинција Самора. Заедно со него почина и неговиот помлад брат Андре, исто така професионален фудбалер.
Несреќата се случила кога нивниот „ламборгини“ излетал од патот и се запалил. Диого Жота имаше само 28 години. Пред десет дена стапи во брак со својата долгогодишна партнерка Руте Кардосо, со која има три деца.
Жота беше на одмор, непосредно по сезоната во која му помогна на Ливерпул да стигне до својата 20-та титула шампион на Англија. Во својата кариера, Жота играше во финалето на Лигата на шампионите во 2022 и освои ФА куп и Лига куп. Со португалската репрезентација имаше 49 настапи и постигна 14 голови, а освои и Лигата на нации во 2019 и 2025 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата