Дваесет Палестинци беа убиени во среда пред центар за дистрибуција на помош во јужна Газа, соопшти хуманитарна организација поддржана од Израел, која предводи обид за спроведување на хуманитарна помош.
Портпарол на Газа Хуманитарниот Фонд (GHF) изјави пред медиумите дека „наоружани припадници на Хамас се инфилтрираа меѓу цивилите во близина на локацијата за раздавање хуманитарна помош кај Кан Јунис и намерно предизвикаа хаос“.
Во метежот, 19 лица биле смртно нагазени, додека едно лице било смртно избодено со нож.
Ова не е несреќен случај, туку намерна провокација, дел од континуирани напади на Хамас и нивните поддржувачи за рушење на нашите операции, кои спасуваат животи. Овие напади се зачестија во последните недели додека траат преговорите за примирје, изјави портпаролот Чапин Феј.
Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, тврди дека врз толпата било испрскано солзавец, што довело до паника и дека се убиени 21 лице. Се уште не е разјаснето зошто бројките за жртви се разликуваат.
Портпаролот на GHF негираше дека бил користен солзавец врз луѓето, но призна дека имало „ограничена“ употреба на бибер спреј.
Тој нагласи дека, првпат, забележале поголем број лица во толпата вооружени со пиштоли. Еден од медицинските работници на GHF се обидел да осуети припадник на Хамас вооружен со пиштол, но бил избоден од друг напаѓач со предмет што личел на шило, по што се претпоставува дека му се нанесени скршени ребра и прободни рани.
Израелската војска го предупредила GHF пред нападот дека Хамас би можел да се обиде да изврши напад за време на поделбата на помошта и дека меѓу луѓето во толпата има милитанти, изјави Феј, нарекувајќи го ова последен во серија смртоносни напади од страна на Хамас насочени кон саботирање на хуманитарните напори.
GHF исто така предупреди на ширење лажни вести околу термините за делба на помошта преку Телеграм и други платформи, поради што се создава дополнителна конфузија.
Многу Палестинци се принудени да пешачат километри за да стигнат до центрите за помош.
Претставник на Обединетите нации оваа седмица изјави дека 875 лица биле убиени додека се обидувале да добијат храна "во текот на последните недели", без да прецизира точен временски период.
Од овие, 674 починале во близина на центрите на GHF, а останатите 201 лице биле убиени додека барале помош по патиштата или во близина на хуманитарни конвои, соопшти портпаролот на Канцеларијата на ОН за човекови права, Тамин ал-Кхитан.
GHF ги презеде главните хуманитарни активности во Газа оваа пролет, откако Израел одби да дозволи влез на помош во Појасот Газа, поради голем меѓународен притисок. Израелските власти наведуваат дека блокирањето на хуманитарната помош е инструмент за зголемување на притисокот врз Хамас да се предаде.
Во повеќе наврати е регистрирано насилство на самите пунктови за помош. GHF информираше дека од мај досега се распределиле над 76 милиони оброци на Палестинците.
Израел ја започна војната против Хамас по нападите од 7 октомври 2023 година, кога милитантната организација уби околу 1.200 луѓе и киднапираше околу 250. Сè уште се верува дека околу 50 заложници се држат во Газа, од кои 20 се претпоставува дека се живи, веќе 21 месец во заробеништво.
Воената акција на Израел против Хамас остави трајни последици врз Појасот Газа и самата милитантна група. Американски претставници го опишаа регионот како 'неживеалишен', а досега се објавени малку детали за можен план за обнова.
Повеќе од 55.000 лица загинаа во Газа од почетокот на војната, во бројка која вклучува и цивили и борци. Израелските власти признаваат дека околу половина од жртвите се цивили.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата