Пакистан нападна неколку авганистански локации во текот на ноќта, вклучувајќи ги и големите градови Кабул и Кандахар, во она што пакистанскиот министер за внатрешни работи Мохсин Накви го нарече соодветен одговор на авганистанскиот напад претходниот ден.
- Нашето трпение е исцрпено. Сега е отворена војна меѓу нас и вас, рече пакистанскиот министер за одбрана Хаваџа Асиф, додавајќи дека нивните војници ги имаат сите потребни капацитети да ги уништат сите агресивни амбиции на соседен Авганистан.
Во Кабул рано утрово се слушнаа неколку гласни експлозии и борбени авиони да летаат над нив, како и во Кандахар, јужен Авганистан, каде што живее врховниот лидер на Талибанците, Хибатула Ахунџада, јавуваат западните агенции.
Авганистанската армија вчера објави масовни напади по должината на границата како одмазда за пакистанските воздушни напади минатиот викенд, кога Исламабад призна дека ги гаѓал терористички кампови и убил повеќе од 80 лица.
Портпаролот на талибанците, Забихулах Муџахид, вчера потврди дека авганистанските сили зазеле 15 пакистански пунктови и убиле „десетици“ војници.
Двете страни пријавија големи загуби во борбите.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави дека ќе „ја здроби во прав секоја агресивна намера на соседот“.
„Нашите сили се целосно способни да ја скршат секоја агресивна намера. Народот на Пакистан и вооружените сили секогаш се подготвени да ја заштитат безбедноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата. Вооружените сили на Пакистан се решени да не дозволат мирот и безбедноста на земјата да бидат нарушени под никакви околности“, рече тој.
Шариф, исто така, предупреди дека нема да има „никаков компромис во одбраната на татковината“.
„На секоја агресија ќе се одговори со соодветен одговор“, се наведува во соопштението објавено на социјалните мрежи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата