logo
logo
logo

ОН: Американските напади врз бродови со дрога се кршење на меѓународното право

Vecer | 31.10.2025

ОН: Американските напади врз бродови со дрога се кршење на меѓународното право

„Овие напади и растечкиот број на човечки жртви се недозволиви“, се вели во изјавата на Турк, која ја прочита неговата портпаролка Равина Шамдасани на прес-конференција во Женева.

„САД мора да ги запрат нападите и да ги преземат сите неопходни мерки за да спречат вонсудски убиства на луѓе кои се наоѓаат на тие пловни објекти, за какви било криминални дејствија да се осомничени“, додаде високиот комесар на ОН за човекови права.

Шамдасани истакна дека високиот комесар веќе го покренал прашањето директно пред американските власти. Портпаролката додаде дека Турк повикува на итно спроведување истрага за американските напади.

Воената операција на САД започна на почетокот на септември. Првите напади беа извршени во Карипското Море, а потоа беа погодени и пловни објекти во источниот дел на Тихиот Океан.

Според последните податоци, во нападите се убиени над 60 лица.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја оправда операцијата, посочувајќи дека САД учествуваат во „воен конфликт“ со наркокартелите. Трамп ги прогласи членовите на криминалните банди за борци кои го кршат законот и се повика на истите правни овластувања врз основа на кои владата на Џорџ В. Буш ја започна војната против тероризмот.

Шамдасани нагласи дека, според Турк, „воздушните напади на САД против пловни објекти во Карипското Море и Тихиот Океан ги кршат меѓународните закони за заштита на човековите права“.

Таа во врска со објаснувањата на САД, подвлече дека одамна е постигната меѓународна согласност дека борбата против незаконскиот шверц на дрога е прашање на спроведување на законот, регулирано со „внимателни ограничувања“ на употребата на смртоносна сила. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk