logo
logo
logo

Обид за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо, состојбата му е критична

Vecer | 15.05.2024

Обид за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо, состојбата му е критична

Вооружениот напаѓач испукал неколку куршуми, од кои најмалку три завршиле во телото на словачкиот премиер. 59-годишниот Роберт Фицо се бори за живот по обидот за атентат што ја крена на нозе Словачка. Нападот се случил во градот Хандлова, 150 километри од Братислава додека Фицо се поздравувал со политички приврзаници по завршување на владин состанок.

Според медиумските извештаи, со повреди во стомакот, рацете и нозете Фицо со хеликоптер итно е пренесен на операција во блискиот град Банска Бистрица и е во критична состојба. Атентаторот, чиј идентитет не се открива е уапсен на самото место.

Неофицијално, се работело за 71-годишник од југот на земјата, кој пред да отвори оган наводно му довикнал со прекарот Робо и го повикал да дојде кај него.

Мотивите за нападот и профилот на напаѓачот не се познати.

Шокирана сум и сите сме шокирани за она што се случи со премиерот Фицо. Физичкиот напад врз премиерот не е само напад врз човек, туки и врз демократијата. Полицијата го уапси напаѓачот и ќе излезе со информации што е можно поскоро., изјави Зузана Чапутова претседателка на Словачка

Веста за обидот за атентат со неверување беше примена и на собраниска седница.

-Дами и господа, ја прекинувам седницата бидејќи имам информација дека е застрелан премиерот на Словачка. , изјави Лубос Блаха, потпретседател на словачкиот парламент

Брутален и кукавички – со вакви зборови осуди стигнуваат од сите страни на светот. Првите луѓе на Европската унија, Мишел и Фон дер лајен нападот го нарекоа ужасен и шокантен напад кој со ништо не може да биде оправдан. Пораки со осуда и со поддршка за Фицо упатија и Столетненберг, Шолц, Зеленски и дузина други лидери.

Фицо се смета за контроверзен популист, кој лани направи политички камбек и по четврти пат стана премиер и ја предводеше левичарската партија Смер. Од умерен политичар во минатото преку ноќ почна да застапува проруски и антизападни ставови. Вети дека на Украина нема да и испрати ни метак воена помош и ги критикуваше западните санкции кон Москва. Останува запаметен и како жесток противник на носењето маски и ковид-вакцините за време на пандемијата, како и жесток критичар на мигрантите и ЛГБТ заедницата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk