logo
logo
logo

Новиот француски премиер напладне ја презеде функцијата, на улиците хаос

Vecer | 10.09.2025

Новиот француски премиер напладне ја презеде функцијата, на улиците хаос

„Преносот на власта“ се случи на влезот во Матињон, резиденцијата на премиерот.

Премиерот во заминување го пречека својот наследник на скалите, додека во исто време, истакнува парискиот дневен весник, полицијата се обидува да ги ограничи немирите на улиците на Париз против демонстрантите од движењето „Блокирај сè“.

Бајру и Лекорну разговараа приватно неколку минути пред да се обратат на печатот.

Како што е најавено, Себастијан Лекорну ќе се сретне со француските политички лидери денес, почнувајќи од 14:30 часот.

Прво ќе се сретне со Габриел Атал, претседател на партијата Ренесанса, во 14:30 часот.

Втората средба е закажана за 15:30 часот со републиканците, поранешната партија на Себастијан Лекорну, додека Едуар Филип, претседател на партијата Хоризонт, ќе биде примен во 17:30 часот.

Што се однесува до опозицијата, Матињон контактирал со Социјалистичката партија и Зелените, а нивните претставници се очекува да бидат примени подоцна, според два левичарски извори.

Емануел Макрон синоќа го назначи Себастијан Лекорну, поранешниот министер за вооружени сили, за нов шеф на владата, откако парламентот изгласа недоверба на владата на Франсоа Бајру.

Лекорну (39), кој е дел од секој владин тим од јуни 2017 година, е близок соработник на претседателот Макрон и одржува блиски врски со француската левица, а воедно е во добри односи и со крајната десница.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk