Тоа е веројатно една од најголемите истражни постапки во историјата на Сојузна Република Германија. Со месеци Федералното државно обвинителство се обидува да ги расветли околностите на нападот на гасоводот Северен тек во септември 2022 година.
Истрагата се води под сомнение за „противуставна саботажа“ на дното на Балтичкото Море. Сојузната канцеларија за борба против криминалот и Федералната полиција имаа задача да ги пронајдат сторителите кои ги уништија цевките на германско-рускиот гасовод на длабочина од околу 70 метри под нивото на морето.
Германските инспектори веќе некое време се фокусираат на 15-метарската јахта по име Андромеда. Како што се сомневаат, таа го напуштила пристаништето во Росток, на германскиот брег на Балтикот, на почетокот на септември минатата година.
Лицата кои најверојатно биле на јахтата во моментот на поаѓање, очигледно му приложиле фалсификувани пасоши на изнајмувачот на пловилото. БКА подоцна во текот на истрагата открила траги од експлозив на таа јахта.
Според истражувањето на германските јавни радиодифузери WDR и NDR и дневниот весник Süddeutsche Zeitung (SZ), наводно неколку индиции поврзани со изнајмувањето на Андромеда водат до Украина и до круговите на украинската армија.
Во овој контекст се споменува туристичка агенција во Варшава, која очигледно служела само како покритие, т.е. „компанија за поштенско сандаче“, и фалсификуван романски пасош кој според германските истражители го користел млад Украинец.
Тој е осомничен дека е поврзан со украинската армија. Покрај него, истражителите на „мета“ имаат и други лица за кои сметаат дека се можни помагачи на групата која е осомничена дека го извршила нападот.
Во текот на изминатата недела, како што соопштија од WDR, BDR и SZ, во рамки на истрагата за околностите за нападот на Северен тек во Франкфурт на Одра, БКА извршила претрес во стан на лице кое нема статус на осомничен.
Станува збор за поранешна партнерка на осомничен Украинец кој е под истрага. Според германските медиуми, таа била сослушана. Се додава дека истражителите ѝ го одзеле мобилниот телефон.
Сведокот и осомничениот Украинец заедно имаат едно дете. Како што понатаму се наведува, тие живееле заедно одредено време. Судејќи според информациите на WDR, NDR и SZ, истражителите на БКА зеле ДНК на тоа дете за да ја споредат со ДНК пронајдена на јахтата Андромеда. Така, тие сакаат да проверат дали осомничениот Украинец навистина бил на тој брод во септември минатата година.
Портпаролката на Сојузното државно обвинителство потврди дека „на 25 мај во Франкфурт на Одра бил ограбен стан на неосомничено лице“. Дополнителни детали за досегашниот тек на истрагата не се соопштени. Сојузната канцеларија за борба против криминалот не сакале да го коментираат новинарското прашање од германскиот медиумски тим.
Покрај германската истрага, истрагата за околностите на нападот на гасоводот Северен тек во моментов се води и во неколку други европски земји. Со овој случај се занимаваат и данските и шведските власти. Сепак, речиси ништо не се знае за моменталната состојба на истражната постапка во тие две земји.
Надлежното државно обвинителство во Шведска неодамна само кусо соопшти: „Имаме добра слика за тоа што се случило на местото на злосторството, односно како е извршена акцијата.“
Во последните месеци, неколку медиуми објавија за сомнителни руски воени бродови кои се наоѓале во близина на гасоводот непосредно пред експлозиите во Северниот тек. Како што пишуваше, тие бродови делумно ги исклучија сигналите за да не можат да се лоцираат.
Извори во германските безбедносни кругови велат дека ваквиот начин на дејствување не е невообичаен кога станува збор за руски воени бродови и додаваат дека тие редовно дејствуваат во областа на Балтичкото Море. НАТО сè уште може да ја следи рутата на овие бродови. Германските истражители ги испитувале и тие траги, односно анализирале сателитски снимки и радио сигнали.
Според истражителите, досега најконкретна трага во оваа истражна постапка е јахтата Андромеда, иако не сакаат да ја исклучат можноста дека истражителите всушност биле „водени“ по лажна трага, односно дека изнајмувањето на Андромеда било таканаречена операција „лажно знаме“.
Официјалните коментари на германските власти звучат прилично резервирано во последно време. На неодамнешниот настан во Берлин, претседателот на Bundesnachrichtendienst (БНД, тајна служба за операции во странство) Бруно Кал рече дека не треба да се надеваме на брзо разјаснување на околностите за нападот на гасоводот.
„Ниту една земја во светот, ниту една разузнавачка служба на овој свет во моментов не е способна да го направи ова конкретно“, односно да ја префрли одговорноста за нападот на некого. Кал ова го изјави на состанокот на Федералната академија за безбедносна политика (БАКС) и додаде дека има „индикации кои водат во сите можни правци“.
Портпаролот на федералната влада Штефен Хебестрајт, исто така, не сакаше да каже ништо конкретно минатата недела: „Можеме да кажеме нешто значајно за ова само кога имаме одредени индикации, односно јасни докази за тоа кој стои зад овој чин“, рече тој. Сепак, Хебестрејт додаде дека е јасно оти е потребна „значителна количина на криминална, а можеби и терористичка енергија“ за да се изврши таков чин.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата