Според Кроули, пламенот синоќа се проширил на околу 4 хектари во областа Холивуд Хилс, што предизвикало евакуација на целата област што е на стоптина метри од познатиот Холивуд булевар.
Ситуацијата и понатаму е најтешка во Пацифик Палисадес, сместено меѓу ридови со прекрасен поглед на океанот. Тоа е една од најскапите урбани области во САД - типичен дом таму се проценува дека чини 3,7 милиони долари . Само четири други американски станбени области се поскапи од таа населба.
Таму живеат многу филмски, телевизиски и музички ѕвезди, како Џејми Ли Кертис, Менди Мур и Марк Хамил, кои мораа да ги напуштат своите домови.
Досега во пожарите што беснеат од вторникот загинаа најмалку пет лица, уништија над 1.500 објекти, а ги оптоварија ресурсите на противпожарната служба. Наспроти ова, на над 100.000 луѓе им беше наредено да се евакуираат.
„Немаме доволно пожарникари за да се справиме со пожарите“, изјави началникот на противпожарната служба во округот Лос Анџелес, Ентони Марони.
Во Калифорнија итно се испраќаат пожарникари од шест држави, а од Северна во Јужна Калифорнија се префрлени 250 противпожарни возила со 1.000 лица.
Недостигот на вода предизвика сушење на некои противпожарни хидранти во Пацифик Палисадес.
„Го оптоваривме системот до крај. Се бориме со шумски пожар користејќи го градскиот водовод и ова е огромен предизвик“, рече Јанис Кенонис, шеф на локалната управа за вода и електрична енергија, на прес-конференција.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом прогласи вонредна состојба, а претседателот на САД, Џо Бајден ја прогласи Калифорнија за област со природна катастрофа.
„Ќе направиме се што можеме онолку долго колку што е потребно за да ги ставиме овие пожари под контрола и вие да се вратите во вашиот нормален живот“, рече Бајден. „Патот пред нас е многу долг, ќе треба време.
Локалните жители ја споредија сцената во Лос Анџелес како во воена зона, јавија локалните медиуми.
Според противпожарната служба, во моментов ниту еден од пожарите, кои практично го опколиле градот, не е ставен под контрола.
Американскиот претседател Џо Бајден ја откажа претстојната посета на Италија поради ситуацијата со шумските пожари што беснеат во областа на Лос Анџелес, чии пламени изгореа стотици домови, а илјадници се принудени да се евакуираат.
„Претседателот Бајден одлучи да ја откаже претстојната посета на Италија со цел целосно да се посвети во следните денови на водење на федералниот одговор (за справување со кризата)“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
Распоредот на Бајден предвидуваше тој да ја посети Италија од денеска до недела, што најверојатно ќе биде негова последна посета во странство како претседател.
Бајден планираше за утре и нова аудиенција кај папата Франциско во Ватикан.
Најмалку пет лица загинаа во пожарите што беснеат околу Лос Анџелес, соопштија властите откако во областа се регистрирани веќе шест пожари од вторникот досега. Најмалку 1.500 објекти се опустошени во вториот по големина град во САД, принудувајќи над 100.000 луѓе да ги напуштат своите домови.
Ураганските ветрови дополнително ја усложнија ситуацијата особено во луксузната област Пацифик Палисадес - најпосакуваниот недвижен имот во Калифорнија што го фаворизираат холивудските познати личности.
Нов пожар избувна синоќа во Холивуд Хилс, на само неколку стотини метри од познатиот булевар Холивуд, што предизвика наредба за евакуација на главниот град на светската забава.
Началникот на пожарната служба во округот Лос Анџелес, Ентони Мароне, рече дека неговите тимови се ужаснати од обемот и брзината на катастрофите што се случуваат.
„Правиме се што можеме. Но, немаме доволно пожарникарски персонал во округот ЛА за да се справи со ова“.
Пожарот што беснее во Пацифик Палисадес проголта околу 6.500 хектари од вчера досега при што се уништени најмалку 1.000 домови и деловни објекти.
Пожар што зафати 4.300 хектари гори околу Алтадена, северно од градот, каде пламените јазици се на приградските улици.
Шерифот на округот Лос Анџелес Роберт Луна рече дека се знае дека загинале пет лица, а се стравува дека има повеќе смртни случаи.
Шефот на противпожарната служба во Пасадена, Чад Аугустин, изјави дека до 500 згради се изгубени во пожарот.
Од доцна синоќа активен е пожар во кањонот Ранион во срцето на Холивуд, блиску до историските места како што се кинескиот театар Грауман, Патеката на славните и театарот Ел Капитан.
Воведена е наредба за евакуација на голем број улици, се до булеварот Холивуд.
Извршниот директор на Одделот за вода и енергија во Лос Анџелес, Џенис Кинонес, ги замоли луѓето да штедат вода откако хидрантите во Пацифик Палисадес пресушпија.
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп се огласи на својата платформа за социјалните медиуми тврдејќи - дека недостатокот на вода е резултат на еколошките политики на државата.
Всушност, голем дел од водата во Лос Анџелес доаѓа од реката Колорадо.
Американскиот претседател Џо Бајден го откажа патувањето во Италија оваа недела за да се фокусира на федералниот одговор на пожарите.
„Правиме се и онолку долго колку што е потребно за да ги ограничиме овие пожари“, изјави Бајден претходно на новинарите.
AccuWeather објави дека проценките се - 57 милијарди долари штети од пожарите досега.
Повеќе од 300.000 домаќинства се без електрична енергија во регионот, според веб-страницата outage.us. Комуналните претпријатија во Калифорнија често ги исклучуваат линиите за време на силни ветрови за да го минимизираат ризикот од нови пожари.
Научниците велат дека климатските промени предизвикани од човекот ги менуваат временските модели.
Јужна Калифорнија имаше две децении суша проследени со две исклучително влажни години, што предизвика голем раст на вегетација. Ветровите во областа се со околу 160 км/час и дополнително ја усложнуваат ситуацијата, јавија американскикте медиуми потсетувајќи дека недостигот на дожд и исклучително високите температури на воздухот како и суша во изминатите шест месеци - е „нешто што не сме го виделе во записите од 1800-тите“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата