Норвешкиот пензиски фонд денеска објави дека ја затворил 2024 година со профит од 2,51 билиони круни (222 милијарди долари или 213 милијарди евра), соборувајќи го рекордот поставен во 2023 година, поддржан од силниот раст на цените на акциите на технолошките компании, но и предупредувањето од неговиот извршен директор дека растот на берзата нема да трае вечно.
Во 2023 година, фондот работеше со добивка од 2,2 трилиони, а претходната година со загуба од 1,64 трилиони круни.
„Посебно американските технолошки акции се покажаа многу добро“, рече Николај Танген, извршен директор на Norges Bank Investment Management (NBIM), која управува со фондот.
Највисок принос донесоа акциите на технолошкиот сектор, во износ од 1,17 трилиони круни. Во рангирањето на компанијата, првото место им припадна на акциите на Nvidia со приход од 286 милијарди круни. Следат Apple со 156 милијарди и Amazon и Alphabet со околу 100 милијарди круни.
Фондот управува со имот од 1,8 трилиони долари и е меѓу водечките светски инвеститори. Тие ги инвестираат приходите од производството на нафта и гас во акции, обврзници, недвижен имот и инфраструктура за обновливи извори на енергија за да плаќаат пензии и да имаат удели во 8.659 компании ширум светот.
Повратот на инвестицијата, пак, лани бил помал за приближно три процентни поени и изнесувал 13 проценти.
Повратот на вложувањата во акции лани бил 18 отсто, а на обврзниците еден отсто. Инвестициите во недвижен имот, пак, донеле негативен принос од еден процент, а инвестициите во инфраструктурата за зелена енергија дури минус од 10 проценти, објави НБИМ.
На крајот на минатата година, акциите сочинуваа 71,4 отсто од активата, нешто повеќе од 2023 година. Учеството на обврзниците се намалило за половина процентен поен, на 26,6 отсто. Недвижниот имот сочинувал 1,8 отсто од активата, приближно исто како и на крајот на 2023 година. Уделот на зелената инфраструктура, исто така, останал на нивото од 2023 година, кога изнесувал само 0,1 отсто.
Норвешката држава минатата година уплатила во фондот 402 милијарди круни, речиси половина од 2023 година.
Извршниот директор на фондот денеска предупреди дека силниот раст на светските берзи на крајот ќе заврши.
„Само сакам повторно да предупредам дека ова нема да трае вечно“, рече Танген на прес-конференцијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата