logo
logo
logo

Ниту американска ниту иранска делегација не отпатува на разговори во Исламабад

Vecer | 21.04.2026

Ниту американска ниту иранска делегација не отпатува на разговори во Исламабад

И покрај најавите дека американска и иранска делегација ќе допатуваат во Исламабад на втор круг преговори, тие досега не пристигнаа во Пакистан.

Си-ен-ен (CNN) повикувајќи се на неименувани извори објави дека засега е одложено патувањето на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс за Исламабад.

Изворите тврдат дека Венс пристигнал во Белата куќа на состанок за следните чекори на американската администрација, на кој присуствуваат и државниот секретар и министерот за одбрана, Марко Рубио и Питер Хегсет.

Претходно, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмил Багаи за државната телевизија ИРИБ изјави дека сè уште не е донесена конечна одлука дали Иран ќе учествува на мировните преговори со САД.

- Причината е јасна, ова не е прашање на неодлучност. Се соочуваме со контродикторни пораки, недоследно однесување и неприфатливи потези од страна на САД, наведе Багаи.

Тој потенцира дека „дипломатскиот процес мора да биде ориентиран кон резултати“ и кога Иран ќе процени дека условите се исполнети „ќе ја донесе потребната одлука“.

Во меѓувреме и двете страни тврдат дека се подготвени за продолжување на војната, а примирјето истекува в среда по американско време односно четврток по иранско време.

Американскиот претседател Доналд Трамп за Си-ен-би-си (CNBC) изјави дека Иран „нема избор освен да испрати“ претставници во Пакистан на разговори со САД.

Тој одговарајќи на прашање дали ќе го продолжи примирјето ако биде постигнат договор во преговорите, истакна: „Не сакам да го направам тоа“.

- Очекувам дека ќе бомбардираме, бидејќи тоа би бил подобар пристап, истакна Трамп.

Тој додаде дека американската армија го искористила примирјето за да ја надополни опремата и оти е подготвена да ги продолжи нападите врз Иран. Според него, Иран малку ги обновил своите резерви оружје.

- Вооружени сме до заби. Имаме толку многу муниција, толку многу од сè … Подготвени сме. Армијата е нетрпелива да започне, наведе Трамп.

По изјавата на Трамп, иранската новинска агенција Тасним објави дека Техеран е „целосно подготвен за можноста од повторно избувнување на војната“. Според Агенцијата. Иран е подготвен за прераспоредување на воените сили, има список со цели и е спремен за нови изненадувања.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk