Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараше со американскиот претседател Џо Бајден за „напредокот“ во преговорите за договорот за прекин на огнот со кој се обезбедува ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во Газа и на Палестинците во израелските затвори.
Како што пренесе ДПА, Нетанјаху му рекол на Бајден за „мандатот што му го дал на преговарачкиот тим во Доха за да го унапреди ослободувањето на нашите заложници“, заблагодарувајќи им се на Бајден и на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за нивната помош во „оваа света мисија“.
Белата куќа соопшти дека Бајден и Нетанјаху разговарале за тековните преговори во катарскиот главен град Доха и ослободувањето на заложниците врз основа на планот за прекин на огнот што Бајден го претстави во мај минатата година.
Бајден разговарал со Нетанјаху и за „фундаментално променетите регионални околности“ по прекинот на огнот во Либан, падот на режимот на Ал Асад во Сирија и слабеењето на регионалното влијание на Иран, се вели во соопштението на Белата куќа.
- Тој ја истакна итната потреба од прекин на огнот во Газа и враќање на заложниците со зголемена хуманитарна помош овозможена со прекин на борбите според договорот, се додава во соопштението./МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата