logo
logo
logo

Неколку повредени во пожарот во Швајцарија пренесени на лекување во германски клиники

Vecer | 02.01.2026

Неколку повредени во пожарот во Швајцарија пренесени на лекување во германски клиники

Еден пациент со хеликоптер е префрлен во „Мариенхоспитал“ во Штутгарт, каде што лицето прима „интензивна медицинска нега“, пренесе ДПА.

Две „тешко повредени“ лица се донесени во клиниката „БГ“ во Тибинген, лоцирана на околу 30 километри јужно од Штутгарт. Портпаролката на болницата додаде дека установата е подготвена да прими и дополнителни пациенти.

„Мариенхоспитал“ во Штутгарт е центар за жртви со тешки изгореници уште од 1983 година, додека клиниката во Тибинген исто така поседува „специјална експертиза за третман на тешки изгореници“, според портпаролката.

Околу 40 лица загинаа во пожарот што избувна за време на новогодишната прослава во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот алпски град, лоциран на околу 100 километри источно од Женева.

Повредени се околу 115 лица, од кои 80 се во критична состојба. Повеќето од тешко повредените се на возраст меѓу 16 и 26 години. Истрагата за причините за пожарот продолжи и денеска, при што властите претпоставуваат дека станува збор за несреќен случај.

Една жена се лекува во болница во Лудвигсхафен на Рајна, јужно од Франкфурт. Клиниката „БГ“ во Лудвигсхафен понуди да прими до четири лица повредени во пожарот, а се очекува уште еден машки пациент да пристигне подоцна денеска.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска изрази сочувство до швајцарскиот претседател Ги Пармелин, кој ја презеде функцијата токму на Нова година. Штајнмаер изрази шокираност од настаните во Кран-Монтана, велејќи дека неговите мисли се со жртвите и нивните семејства.

- Ја споделуваме тагата и болката во овие тешки часови, напиша тој, посакувајќи им на повредените брзо и целосно закрепнување и изразувајќи искрено сочувство „до сите швајцарски граѓани, и во име на сонародниците“. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk