Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, им рекол на своите соработници да се подготват за продолжена блокада на Иран, објави „Волстрит џурнал“ (WSJ), повикувајќи се на американски претставници.
На неодамнешните состаноци, Трамп одлучил да продолжи да врши притисок врз економијата и извозот на нафта на Иран со блокирање на превозот до и од неговите пристаништа, се вели во извештајот, истакнувајќи дека тој сметал дека други опции, вклучително и продолжување на бомбардирањето или напуштање на конфликтот, носат поголем ризик од одржувањето на блокадата.
Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди наводите во извештајот. Вчера беше објавено дека Иран им дал предлог на Соединетите Држави повторно да го отворат Ормутскиот теснец и да ја прекинат војната, но на Трамп не му се допаѓа предлогот.
Трамп објави на својот профил на социјалните мрежи Truth Social дека Иран го информирал дека земјата е во состојба на колапс. Во објавата се додава дека Иран бара Ормускиот теснец да се отвори што е можно поскоро, додека се обидува да ја реши својата лидерска ситуација. „Иран штотуку нè информираше дека е во „состојба на колапс“. Тие сакаат што е можно поскоро да го „отвориме Ормускиот теснец“ додека се обидуваат да ја решат својата лидерска ситуација (во што верувам дека ќе успеат!). Ви благодарам што го следите ова прашање! Претседателе ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, објави тој.
Завчера, иранските власти објавија детали за повеќестепениот предлог што Техеран наводно го испратил до Вашингтон. Според овој план, прво би се преговарало за отворањето на Ормутскиот теснец, додека чувствителното прашање за збогатувањето на ураниумот на Иран би се оставило настрана додека не заврши војната и не се решат споровите околу поморскиот сообраќај во Заливот, пренесува Ројтерс.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата