Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во последно време ги засили пофалбите за надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп.
Двајцата се појавија заедно на прес-конференција во рамките на самитот на НАТО што се одржува во Хаг, Холандија.
За време на нивните изјави, Трамп се осврна на неодамнешниот прекин на огнот меѓу Израел и Иран, по американските воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки.
„Се погодија прилично, како две деца во училишен двор – се тепаат без престан. Не можеш да ги запреш. Ако ги оставиш неколку минути, полесно е потоа да ги смириш.“

„Понекогаш, мора таткото да употреби појаки зборови,“ во шега возврати Руте.
Трамп, насмеан од коментарот, се согласи: „Некогаш навистина мора да се каже специфичен збор.“
Овој разговор беше алузија на жестоката реакција на Трамп поради обидот на Израел да го прекрши примирјето кратко време по неговото воспоставување. Израел тврдеше дека Иран прв започнал, но Белата куќа нареди на израелската војска да се повлече.
„Две земји се борат толку долго и толку жестоко, што веќе не знаат што прават,“ гневно изјави Трамп пред новинарите во вторникот пред да замине со хеликоптер.
Руте оваа недела се покажа како најголем поддржувач на Трамп, нарекувајќи го „драги Доналд“ и оценувајќи дека неговите потези на Блискиот Исток се „навистина извонредни“.
Овие пофални зборови Трамп ги објави и на својата мрежа Truth Social. Руте, исто така, го увери Трамп дека членките на НАТО се подготвени да ја исполнат неговата амбициозна цел – вложување 5% од БДП за одбрана.
„Доналд, нè доведе до навистина важен момент за Америка, Европа и светот. Ќе успееш во нешто што децении никој американски претседател не можеше. Европа конечно ќе плати, како што и треба, и тоа ќе биде твоја победа.“
НАТО државите членки се согласија во средата да го воведат барањето за 5% и објавија заедничка изјава дека се „обединети пред сериозни безбедносни закани и предизвици“.
Секоја членка ќе има рок до 2035 година да го достигне овој праг, што им остава речиси цела деценија на оние кои не даваат доволно за одбраната.
Земјите треба да покажат „веродостоен, постепен пат кон оваа цел“ преку годишни извештаи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата