logo
logo
logo

НАТО маневри во Романија

Vecer | 19.02.2025

НАТО маневри во Романија

Вежбите во Романија, која граничи со Украина, доаѓаат додека Европа се бори со нов курс во американската надворешна политика, под влијание на американскиот претседател Доналд Трамп.

Новиот секретар за одбрана на земјата, Пит Хегсет побара сојузниците во НАТО драматично да ги зголемат трошоците за одбрана и рече дека безбедносните приоритети на самите САД се на друго место. Притоа, тој ги доведе во прашање долгогодишните безбедносни гаранции на Вашингтон за европскиот континент.

Во вежбите наречени Steadfast Dart 2025, кои се одржуваат во пресрет на третата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, учествуваат околу 10.000 воен персонал од девет земји на НАТО – како дел од новоформираните Сили за сојузничка реакција.

Маневрите ќе траат шест недели и ќе се одржуваат во Романија, Бугарија и Грција.

Во денешните вежби се користеше вистинска муниција и се вежбаше рововска војна.

Новите НАТО Сили за сојузничка реакција беа формирани минатиот јули и беа создадени за да им се овозможи да бидат распоредени во рок од 10 дена доколку е потребно – и се составени од конвенционални трупи поддржани од кибер-просторот и вселенските технологии.

Овие сили се предводени од Велика Британија и се состојат од 2.600 војници и 730 возила.

На маневрите покрај Британија учествуваат и Романија, Бугарија, Франција, Грција, Италија, Словенија и Турција. Во нив се користат 1.500 воени возила, повеќе од 20 борбени авиони и околу петнаесет борбени бродови.

По руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, НАТО го зајакна своето присуство во Источна Европа, испраќајќи мултинационални единици во Романија, Унгарија, Бугарија и Словачка.

Оттогаш, Романија игра сè позначајна улога во Алијансата. Таа го донираше противракетниот систем Патриот на Украина и отвори област за обука за употреба на борбени авиони Ф-16 за пилоти од сојузничките земји, вклучително и Украина./МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk