logo
logo
logo

Најмалку десет лица ги загубија животите во снежното невреме во САД

Vecer | 26.01.2026

Најмалку десет лица ги загубија животите во снежното невреме во САД

Националната метеоролошка служба објави дека снегот ќе продолжи да паѓа и денеска. Околу дваесет федерални држави, вклучувајќи го и главниот град Вашингтон, веќе прогласија вонредна состојба, пренесоа западните агенции.

Некои метеоролози го сметаат моменталното снежно невреме за едно од најсилните во САД во последните неколку децении. Заедно со снегот доаѓаат големи температурни минуси и замрзнување на инфраструктурата со потенцијално „катастрофални“ последици, предупредува националната метеоролошка агенција NWS.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, објави дека во текот на викендот биле пронајдени надвор пет мртви лица.

„Иако сè уште не ги знаеме причините за нивната смрт, ништо не ни ја покажува појасно опасноста од екстремен студ и ранливоста на бројни сограѓани, особено оние без дом“, рече Мамдани вчера на прес-конференција.

Властите во Тексас објавија дека три лица починале од студ, вклучувајќи и тинејџерка која починала додека се санкала. Две лица, исто така, замрзнале до смрт во Луизијана, соопштија државните здравствени службеници.

Милиони луѓе во одреден момент останале без струја, а 840.000 од нив сè уште ја немаа до вчеравечер, особено во јужниот дел на САД, објави порталот PowerOutage.com.

Повеќе од 300.000 клиенти се без електрична енергија во Тенеси, каде што бурата ги срушила далноводите. Луизијана, Мисисипи и Џорџија, држави каде што овој вид бура е поретко, имаа повеќе од 100 илјади прекини на електричната енергија.

Властите во Тексас, Северна Каролина и Њујорк ги повикаа граѓаните да останат дома.

„Избегнувајте возење освен во апсолутна итна состојба“, соопштија службите за итни случаи на Тексас.

Бурата од синоќа се движи кон североистокот на земјата, носејќи најмногу снег за жителите на Филаделфија, Њујорк и Бостон.

Слој снег од неколку сантиметри ги покри тротоарите и патиштата на Вашингтон, каде што беше прогласена и вонредна состојба.

Поради снежната бура, 19 илјади летови беа откажани низ САД, пишува порталот FlightAware.

„Продолжуваме да ги следиме и да останеме во контакт со сите држави на патот на оваа бура. Останете безбедни и на топло!“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Truth Social.

Трамп, исто така, ја искористи бурата за да го повтори својот скептицизам кон глобалното затоплување.

„Можат ли еколошките бунтовници да ми објаснат: ШТО СЕ СЛУЧИ СО ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ?“, напиша тој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk