logo
logo
logo

Најмалку 52 години затвор за британскиот тинејџер кој уби три девојчиња во училиште за танц

Vecer | 23.01.2025

Најмалку 52 години затвор за британскиот тинејџер кој уби три девојчиња во училиште за танц

Пред три дена, Аксел Рудакубана (18) призна дека ги извршил убиствата минатиот јули во градот Саутпорт во северна Англија, а исто така се изјасни за виновен за десет обвиненија за обид за убиство, како и за производство на смртоносен отров рицин и поседување прирачник за обука на Ал Каеда, објави Би-Би-Си.

Шестгодишната Бебе Кинг и седумгодишната Елси Дот Стенкомб загинаа за време на нападот со нож, додека деветгодишната Алис да Силва Агиар почина во болница од повредите. Во нападот се повредени уште 11 лица, а случајот предизвика голем интерес кај британската и пошироката јавност.

Обвинителите го опишаа злосторството како крајно насилно бидејќи сторителот очигледно се обидел да обезглави една од жртвите. „Две од неговите жртви претрпеле ужасни повреди кои е тешко да се објаснат како нешто друго освен садизам“, изјави обвинителката Деана Хеер во Судот во Ливерпул. Судијата Џулијан Гус го осуди тинејџерот во негово отсуство затоа што одбил да се врати во судот откако двапати бил отстранет поради нарушување на рочиштето.

Аксел Рудакубана, кој е роден во Кардиф од родители од Руанда, имал 17 години за време на убиствата. Ендрју Менари, судија во Вишиот суд во Ливерпул, ја укина забраната за пријавување на неговиот идентитет во август.

Бидејќи неговиот идентитет не беше објавен во јавноста во деновите по убиството, на социјалните мрежи се појавија теории на заговор што ги ширеше екстремната десница за намерно прикривање за заштита на сторителот.

Теориите брзо се прелеаја на улиците и доведоа до серија насилни протести. Лажните објави на социјалните мрежи кои следеа по масакрот користеа лажно име и го опишаа напаѓачот како барател на азил кој неодамна пристигнал во Британија.

„Тероризмот го промени своето лице, Велика Британија се соочува со нова и опасна закана од екстремно насилство“, рече премиерот Сер Кир Стармер во изјавата за убиствата во Саутпорт. Владата најави истрага за случајот, а премиерот ги истакна големите пропусти на државата. Аксел Рудакубана три пати бил упатен во програмата за спречување на екстремизам пред да ги убие трите девојчиња во јули минатата година.

Независниот ревизор на законодавството за тероризам Џонатан Хол рече дека е потребна ревизија на програмата Превент, со посебен фокус на интернет, додека конзервативците рекоа дека сакаат да се спроведе истрага за да се утврди дали се пропуштени можностите за спречување на напади.

Министерот за внатрешни работи во сенка, Крис Филип, исто така, сака истрага за тоа дали властите требало да откријат повеќе информации по нападот за да се избегнат шпекулациите на социјалните мрежи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk