logo
logo
logo

НАЦИСТИЧКИ ПЕСНИ И ГЕСТОВИ НА ОКТОБЕРФЕСТ, организаторите се оградија од инцидентот (ВИДЕО)

Vecer | 28.09.2023

НАЦИСТИЧКИ ПЕСНИ И ГЕСТОВИ НА ОКТОБЕРФЕСТ, организаторите се оградија од инцидентот  (ВИДЕО)

Германската полиција заедно со Службата за државна безбедност (BfV) започна истрага за нацистичките поздрави видени на видеото кое неодамна беше снимено на прославата на Октоберфест. Според медиумите, инцидентот се случил во понеделникот во германската покраина Саксонија.

На видео кое кружи на интернет, се гледаат тројца мажи и една жена како ја креваат десната рака облечени во традиционални баварски носии и ја пеат песната „Ерика“. Како што пишува Билд, еден од посетителите го направил забранетиот гест дури 14 пати за 16 секунди. По инцидентот полицискиот службеник изјавил дека видеото го предале на ресорното одделение.

Според Кривичниот законик на Германија, нацистичкиот поздрав и употребата на какви било симболи поврзани со нацистите се „противуставни“, а прекршителите можат да бидат испратени зад решетки до три години. Сепак, властите допрва треба да го откријат идентитетот на осомничените за ова злосторство.

Организаторите на Октоберфест се оградија од инцидентот, пишува Билд.

„Јасно се дистанцираме од таквите посетители, само сакаме нормално да го прославиме Октоберфест“, изјави Матијас Брауне, еден од организаторите.

Портпаролот на полицијата Марсел Малхоу во понеделникот за „Билд“ изјави дека BfV отсега ќе го води случајот. BfV е агенција одговорна за истрага на случаи поврзани со екстремистички и терористички активности во Германија.

Инаку, песната „Ерика“ ја компонираше Хермс Нил во 1938 година и стана најпопуларна песна за марш на Вермахтот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk