Европскиот советот донесе одлука да додаде уште две лица на Терористичката листа за санкции на ЕУ, како дел од одговорот на Унијата на заканата од движењето Хамас и неговите брутални и неселективни терористички напади врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на Листата се додадени командантот на военото крило на Хамас, „Бригадите Езедин ал-Касам“, Мохамед Деиф и неговиот заменик Марван Иса.
Со оваа одлука се замрзнува целиот имот и сите финансиски средства на Деиф и Иса во земјите членки на ЕУ, а на поединци и институции од Унијата им се забранува да им доставуваат средства и какви било други економски ресурси.
Терористичката листа на санкции на ЕУ, утврдена во 2001 година, е посебен инструмент на Унијата, кој е различен од режимот на блокот за казнени мерки поврзани со движењата Ал Каеда и Исламска држава, кој е воспоставен согласно резолуциите 1267, 1989 и 2253 на Советот за безбедност на ОН.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата