Во саботата, Русија го осуди американскиот напад врз Венецуела и повика да се спречи ескалација и да се обиде да се најде решение преку дипломатија, а врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека не смее да се поклонува пред непријателот, наведуваат светските новински агенции.
„САД извршија вооружена агресија врз Венецуела утрово. Тоа е длабоко загрижувачко и заслужува осуда“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, оценувајќи дека „идеолошкото непријателство триумфираше над економскиот прагматизам“, објави Ројтерс.
Русија истакна дека изговорите за таа акција се „неосновани“ и го поддржа барањето на Венецуела и лидерите на латиноамериканските земји Советот за безбедност на ОН итно да се состане.
„Во сегашната ситуација, важно е, пред сè, да се спречи понатамошна ескалација и да се фокусираме на наоѓање излез од ситуацијата преку дијалог“.
„Латинска Америка мора да остане зона на мир, како што беше прогласена во 2014 година. На Венецуела мора да ѝ се гарантира правото да ја одредува својата судбина без какво било деструктивно, а камоли воено мешање однадвор“, соопшти Москва.
Американскиот напад врз Венецуела беше меѓу првите што го осуди и Иран, уште еден важен сојузник на Венецуела.
„Иранското Министерство за надворешни работи остро го осудува американскиот воен напад врз Венецуела и дрското кршење на националниот суверенитет и територијалниот интегритет на земјата“, се вели во соопштението на иранската дипломатија, остро критикувајќи ја „нелегалната агресија на Соединетите Американски Држави“, непријател на Исламската Република Иран, објави АФП.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи, рече дека не смее да се поклонува пред непријателот.
„Важно е дека, кога ќе сфати дека непријателот арогантно се обидува да наметне нешто на земјата, на службените лица, на владата и на народот, мора цврсто да се спротивстави на непријателот и да ги испружи градите како знак на отпор. Нема да му се предадеме на непријателот“, рече врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи, додавајќи: „Ќе го фрлиме непријателот на колена“, објави Ројтерс.

Осуди и тревога во регионот
Колумбија објави дека ќе ги распореди своите вооружени сили на границата со Венецуела.
Колумбискиот претседател Густаво Петро, кој е близок до Мадуро, изјави дека потегот на Вашингтон е „напад врз суверенитетот“ на Латинска Америка и предупреди дека тоа ќе предизвика хуманитарна криза.
„Општа тревога, ја нападнаа Венецуела“, напиша Петро на својот X профил. Тој побара „итен“ состанок на Организацијата на американските држави (OAS) и ОН со цел да се разјасни „меѓународната легалност“ на таа „агресија“ против соседна земја.
Чиле изрази загриженост поради нападот и повика на мирно решение на кризата.
„Чиле ја потврдува својата посветеност на основните принципи на меѓународното право, како што се забраната за употреба на сила, немешањето, мирното решавање на меѓународните спорови и територијалниот интегритет на државите“, изјави чилеанскиот претседател Габриел Бориќ на X платформата.
Осудувајќи го нападот, Мексико предупреди дека секоја „воена акција сериозно ја загрозува регионалната стабилност“.
„Владата на Мексико остро ги осудува и отфрла воените акции еднострано спроведени од вооружените сили на Соединетите Американски Држави против цели на територијата на Боливарска Република Венецуела“, изјави Министерството за надворешни работи во соопштението.
Уругвај, исто така, се придружи на критиките.
„Уругвај, како и секогаш, ја отфрла воената интервенција на една држава на територијата на друга и ја потврдува важноста на почитувањето на меѓународното право и Повелбата на ООН, особено фундаменталниот принцип дека државите мора да се воздржат од закана со сила или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава или на кој било друг начин што е некомпатибилен со целите на Обединетите нации“, објави уругвајското Министерство за надворешни работи.

Од друга страна, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, главен сојузник на САД, ја поддржа одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го нападне Мадуро.
„Слободата напредува. Да живее слободата, по ѓаволите“, напиша Милеи на платформата X.
Милеи објави видео од својата изјава на X, на кое се гледа како зборува на самитот, опишувајќи го Мадуро како закана за регионот и поддржувајќи го притисокот на Трамп врз Каракас.
„Поминаа деновите кога пристапувавме млако кон оваа тема“, рече Милеи, според видео објавено на неговиот X профил.
Европа загрижена, Шпанија нуди посредништво
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека неговата земја не учествувала во нападите на САД врз Венецуела и дека сака да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп и да ги дознае сите факти за тоа што се случило.
„Прво сакам да ги утврдам фактите. Сакам да разговарам со претседателот Трамп. Сакам да разговарам со сојузниците. Можам да бидам апсолутно јасен дека не бевме вклучени... и секогаш велам и верувам дека сите треба да го почитуваме меѓународното право“, рече тој во изјава за британските медиуми.
Шпанија понуди да посредува во кризата.
„Шпанија повикува на деескалација и умереност“ и е „подготвена да понуди услуги за посредништво со цел да се постигне мирно и консензуално решение за сегашната криза“, објави Министерството за надворешни работи.
Германија, исто така, изрази загриженост.
„Внимателно ја следиме ситуацијата во Венецуела и со голема загриженост ги земаме предвид најновите извештаи. Министерството е во близок контакт со амбасадата во Каракас. Ситуацијата е сè уште нејасна во некои аспекти. Кризниот штаб на германската влада денес се состанува во министерството“, соопшти германското Министерство за надворешни работи.
Полскиот премиер Доналд Туск истакна дека новата година започна со тежок удар.
„Сведоци сме на напад на американските сили врз Каракас, главниот град на Венецуела. Затоа, 2026 година започнува со тежок удар. Ќе имаме можност да ги анализираме последиците од овој напад врз ситуацијата во нашиот регион. Настан како денешниот американски напад врз Венецуела влијае на целиот свет; ние ќе реагираме и ќе се подготвиме за оваа нова ситуација“, рече Туск на прес-конференција.
Италија, исто така, реагираше.
„Премиерката Џорџија Мелони внимателно ја следи ситуацијата во Венецуела и останува во постојан контакт со министерот за надворешни работи, Антонио Тајани, особено за да собере информации за нашите сонародници“, објави нејзиниот кабинет.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во саботата објави дека американските сили го заробиле венецуелскиот претседател Николас Мадуро откако започнале голем напад врз јужноамериканската земја.
Венецуелската потпретседателка изјави дека не знае каде се Мадуро и неговата сопруга и побара од САД да докажат дека се живи, а Стејт департментот рече дека за Венецуела доаѓа „нова ера“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата