Русија е подготвена да му пружи помош на Иран на различни начини, во зависност од тоа што ќе побара Техеран, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Сè зависи од тоа што му е потребно на Иран“, изјави Песков на новинарите на брифингот, додавајќи дека Русија веќе понудила свои медијаторски напори, нарекувајќи го тоа „конкретна форма на помош“.
Тој, исто така, истакна дека Русија јасно го искажала својот став за војната меѓу Иран и Израел, што, како што вели, претставува важен чин на поддршка за Техеран.
„Нашиот јавно изразен став е исто така форма на поддршка за иранската страна“, додаде тој.
„Се случува, или поточно, има зголемување на бројот на учесници во овој конфликт. Нова спирала на ескалација на тензиите во регионот“, додаде Песков во изјава за новинарите.
„И, секако, го осудуваме тоа и изразуваме жалење за тоа, длабоко жалење. Освен тоа, секако, останува прашањето што се случи со (иранските) нуклеарни постројки, дали постои опасност од зрачење“, предупредува портпаролот.
Песков, исто така, откри дека прашањето за Иран било една од темите на неодамнешните разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
Песков рече дека Трамп не го информирал Путин однапред детално за планираните напади.
„Немаше детални информации. Темата за Иран беше дискутирана од страна на претседателите неколку пати за време на нивните неодамнешни разговори, Русија изнесе одредени предлози, но немаше директни детални информации за тоа“, рече тој.

Путин ги осуди американските напади врз Иран: Тоа е неиспровоцирана агресија
Рускиот претседател Владимир Путин му рече во понеделник на иранскиот министер за надворешни работи дека нема оправдување за американското бомбардирање на неговата земја и дека Москва се обидува да му помогне на иранскиот народ.
Путин го пречека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во Москва два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп испрати американски бомбардери да нападнат три од главните нуклеарни постројки на Иран.
„Оваа апсолутно неиспровоцирана агресија против Иран нема никаква основа ниту оправдување“, му рече Путин на Аракчи пред камера, додавајќи дека Русија „вложува напори да му помогне на иранскиот народ“.
„Многу ми е мило што денес сте во Москва, ова ќе ни даде можност да разговараме за сите овие горливи прашања и заедно да размислиме како можеме да излеземе од денешната ситуација“, му рече тој на иранскиот министер за надворешни работи.
Аракчи му рече на Путин дека Иран дејствува во легитимна самоодбрана и му се заблагодари на Русија за осудата на американските акции. Тој му ги пренесе на Путин најдобрите желби од иранскиот врховен лидер и претседател.
„Русија денес е на вистинската страна на историјата и меѓународното право“, рече Аракчи.
Но, останува нејасно што би можела да направи Русија за да го поддржи Иран, важен сојузник со кој Путин потпиша договор за стратешка соработка во јануари. Сепак, тој договор не содржеше клаузула за меѓусебна одбранбена помош.
„Русија отсекогаш била наш партнер во областа на нуклеарната енергија. Таа, исто така, изгради нуклеарна централа во Бушер“, рече Арагчи, пренесуваат агенциите.
Пред американските напади во саботата, Москва предупреди дека американската воена интервенција може да го дестабилизира целиот регион и да го турне во „бездна“.
Фото: Кремлин
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата