logo
logo
logo

Мирен договор меѓу Руанда и Конго: Ново поглавје за регионот по децении судири

Vecer | 28.06.2025

Мирен договор меѓу Руанда и Конго: Ново поглавје за регионот по децении судири

Министрите за надворешни работи на Руанда и Демократска Република Конго потпишаа мировен договор со посредство на САД, со што треба да се стави крај на најразорниот конфликт од овој век.

Договорот, кој беше официјализиран во петок од страна на министерот за надворешни работи на Руанда, Оливие Ндухунгирехе, и министерката на ДР Конго, Терез Каикувамба Вагнер, има за цел да го запре крвопролевањето меѓу Киншаса и бунтовничката група М23 со поддршка од Руанда во источен Конго. Конечната надеж е овој договор да донесе траен мир во регион каде што од 1997 година досега животот го загубија повеќе од 6 милиони луѓе.

Претседателот Доналд Трамп со министерите за надворешни работи на Конго и Руанда, за време на состанок во Белата куќа, Вашингтон, 27 јуни 2025 (AP Photo/Manuel Balce Ceneta).
Претседателот Доналд Трамп со министерите за надворешни работи на Конго и Руанда, за време на состанок во Белата куќа, Вашингтон, 27 јуни 2025 (AP Photo/Manuel Balce Ceneta).

Официјалната церемонија за потпишување се одржа во седиштето на Стејт департментот, каде заеднички ја парафираа договорот државниот секретар Марко Рубио, Вагнер и Ндухунгирехе. Рубио истакна дека процесот бил тежок и побара доверба и посветеност од двете страни.

Клучните точки од договорот вклучуваат повлекување на руандските сили од територијата на ДР Конго за 90 дена, воспоставување економска интеграција во истиот рок од три месеци, и создавање механизам за заедничка безбедносна координација во период од 30 дена.

Во изјавите по потпишувањето, претседателот Трамп ја потенцираше улогата на неговата администрација, како и на клучните советници Рубио и Масад Булос, во реализирањето на овој мировен процес.

„Искрено кажано, не бев најупатен околу деталите од конфликтот меѓу Руанда и Конго, но знаев дека трае со децении и однел безброј животи. Ми беше чест што имав можност да придонесам за оваа пресвртна точка,“ рече Трамп.

Министрите потоа беа примени во Белата куќа, каде што кон нив се придружија и потпретседателот Џ.Д. Ванс и државниот секретар. На средбата, конголската новинарка Харијана Верас изрази благодарност за ангажираноста на САД и го спореди сега актуелниот пристап со претходните администрации, кои, според неа, биле индиферентни.

„ДР Конго има огромен потенцијал, но населението страда поради долгогодишната војна. Овој договор носи реална надеж за сите нас,“ рече Верас.

Таа додаде дека претседателот на ДР Конго, Феликс Чисекеди, размислува да го предложи Трамп за Нобелова награда за мир, поради напорите за обезбедување мир не само во Конго, туку и ширум светот.

Трамп се заблагодари и на Катар, Того и Африканската унија за нивната поддршка во мировниот процес. Притоа, тој предупреди дека во случај на прекршување на договорот од некоја страна, ќе следуваат „строги, финансиски и други санкции“.

И покрај ентузијазмот, министрите на двете земји укажаа на фактот дека претходни обиди за мир не донеле трајно решение, нагласувајќи дека континуираната американска поддршка е од клучно значење.

„Клучно е Америка секогаш да остане присутна – само така договорот може да се одржи и да отвори перспектива за нова ера на развој и соработка помеѓу нашите две земји,“ истакна Вагнер.

Ндухунгирехе исто така нагласи дека претходните медијации не успеале, но дека овојпат економскиот пристап и цврстата определба на САД даваат надеж за долгорочен мир.

Договорот доби неформално име – „Вашингтонски договор“, а Трамп шеговито изјави дека посакувал да биде наречен и по него лично.

Марко Рубио им честиташе на двете земји за храброста да изберат мир наместо војна, потенцирајќи дека тоа е потежок избор, кој бара мудрост и трпение.

Договорот следи по потпишување на Декларација на принципи во април оваа година, кога истите политички актери најавија дека е дошло време за прекин на судирите.

Марко Рубио на церемонијата за потпишување на Декларацијата на принципи со министрите од Конго и Руанда, Вашингтон, април 2025 (AP Photo/Jacquelyn Martin).
Марко Рубио на церемонијата за потпишување на Декларацијата на принципи со министрите од Конго и Руанда, Вашингтон, април 2025 (AP Photo/Jacquelyn Martin).

Трамп истиот договор го нарече едно од најголемите достигнувања на неговата администрација, иако смета дека светските медиуми не му посветија доволно внимание.

Иако бројни мировни обиди досега пропаднаа, аналитичари се надеваат дека новиот договор веќе има потенцијал за вистински пресврт во регионот.

„Ова е најдобра шанса за траен мир – и покрај сите потешкотии,“ изјави за Ројтерс политикологот Џејсон Стернс од Универзитетот Сајмон Фрејзер, специјалист за регионот на Големите езера во Африка.

Последниот и најнасилен период на судири започна во јануари, кога бунтовниците од М23 започнаа офанзива врз Гома, главниот град на северната покраина Киву со речиси 2 милиони жители. Војската и мисии на ОН беа брзо поразени, а градот остана исполнет со напуштена опрема, униформи и возила. Илјадници беа убиени, а бунтовниците продолжија кон Бокаву – стратешки град на југот.

Заземената иницијатива на Конго за склучување на мировен договор со САД вклучуваше и ангажирање американски лобисти за 1,4 милиони долари, со цел стратешки договори во областа на мегународната безбедност и критичните минерали – област што Вашингтон преку овој договор дополнително ќе ја засилува.

Иако спаѓа меѓу најсиромашните држави во светот, Конго изобилува со минерално богатство: бакар, дијаманти, злато и, најважно, кобалт, во кој има над 80% од светското производство. Од голем стратешки интерес за САД се и минералите '3Т' (калај, волфрам и тантал), кои се користат во сите современи електронски уреди.

Конфликтот во голема мера се врти околу контролата врз минералите од провинциите Северно и Јужно Киву. Руанда, неколкукратно помала држава од Конго, набљудувана е дека го користи тоа богатство за сопствен економски напредок.

Зошто избувна војна во Конго?

Извештај на ОН откри дека 150 тони колтан – минерал клучен за изработка на современи мобилни телефони и електроника – нелегално биле извезени во Руанда и таму мешани со локално руден богатство, што годишно i носи на Руанда речиси милијарда долари, според процените на Конго.

Со обезбедување пристап до конголските рудници, Вашингтон има намера да ја намали доминацијата на Кина, која преку свои државни фирми контролира околу 80% од конголското производство на кобалт. Воедно, Кина е лидер и во рафинирањето, со 60 до 90% од светскиот капацитет, што е клучно за нејзината електронска индустрија и производство на електрични возила.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk